Линкови за пристапност

Различни причини за тероризмот и различни импликации врз САД - 2003-12-03


Секој слушнал за тероризмот, но многу помалку се знае што во суштина претставува тој и кои се начините за борба против него. Во следниов прилог се соочени спротивствените мислења на двајца долгогодишни разузнавачки аналитичари, кои посочуваат различни причини за тероризмот и различни импликации врз САД.

Со одењето во Ирак, тероризмот не беше потиснат, туку поттикнат, смета Лари Џонсон, поранешен службеник во контра-разузнавањето во американскиот Стејт Департмент.

„Во Ирак на нас се гледа како на странска сила и тоа има поддеднаков ефект врз големиот број групи во Ирак од исламски екстремисти до арапски националисти. Како резултат на тоа ние добиваме не еден, туку повеќе непријатели“, вели Џонсон.

А овие непријатели сега се ангажирани во испраќање на нивните терористички пораки преку кибернетскиот простор, користејќи ја војната во Ирак како средство за регрутација. Американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд ја истакна дилемата: „Дали ние секојдневно фаќаме, убиваме или обесхрабруваме повеќе териористи, одошто медресите и радикалното свештенство регрутира, обучува и ги насочува против нас?“

Г-динот Џонсон вели дека во изминативе неколку месеци, терористичките напади се зголемиле и по број и по интензитет.

„Од март годинава, имавме десетина терористички спектакуларни напади, во споредба со минатата година кога најголем дел од терористичките напади се случуваа на места во Индија, Израел и Колумбија. Сега гледаме дека тие се појавуваат на повеќе места и ова, според мене, го одразува фактот оти овие луѓе сега имаат поглема сила и желба да преземаат ризици“, смета тој.

Според него, САД не успеале да одговорат на заканата од тероризмот, бидејќи, тие се отклониле од војната против тероризмот за да започнат конвенционална војна во Ирак, што се две сосема различни војни.

„Несреќната работа е што САД ги пренасочија изворите од потрагата по Ал Каида со цел да го соборат режимот на Садам Хусеин и како резултат на тоа огромен број преведувачи и разузнавачки аналитичари повеќе се фокусирани на проблемите во Ирак. Во изминативе 8 месеци ние навистина ги запоставивме остатоците од Ал Каида“, истакна г-динот Џонсон.

Но исто така клучните извори се пренасочени и од засега неуспешната потрага по оружјето за масовно уништување во Ирак. По повеќенеделните дебати во Вашингтон, десетици лингвисти и разузнавачи се повлечени од оваа истрага и се ангажирани во справувањето со актуелната опасност од вооружени бунтови.

Но, Лари Џонсон сепак вели дека Ирак сега не може да биде напуштен.

„Доколку се повлечеме од Ирак без јасна победа и без стабилна влада која ќе има цврста контрола, ќе ја повториме грешката што ја направивме со повлекувањето од Либан во 1984 година, по двата бомбашки напади врз американската амбасада и комплексот на маринците. Ова од страна на исламските екстремисти беше протолкувано како -доколку убиеш доволно Американци ќе ги присилиш да се повлечат“.

Од друга страна, поранешниот службеник на ЦИА и на Зелените Беретки Роберт Ендрјус вели дека американската инвазија на Ирак не поттикнала нова рунда на тероризам. Тој е уверен дека современата фаза започнала со преземањето на американската амбасада во Техеран во 1979 година и својот врв го достигнува со нападите од 11 септември 2001 година во Америка. Тој смета дека анти-американското чувство не е негов главен елемент, туку негов производ.

„Целиот овој конфликт со кој се соочуваме во суштина е војна на идеи. Кампањата на исламскиот фундаментализам нема да запре ниту против нас, ниту против нивниот народ, се додека исламскиот свет на фундаменталистите како Осама бин Ладен и бомбашите самоубијци не почне да гледа како на еретици, а не како на маченици“, смета Ендјус.

Во меѓувреме, тој вели дека треба секако да се добие оваа војна. Таа според него секогаш ќе биде прашање на тест и грешки. Дури и најдoбрите планови сигурно дека ќе бидат изместени од курсот. Токму затоа не треба да се обвинува американскиот администратор во Ирак, Пол Бремер за промена на политиката, додека се обидува да се справи со меѓусебно спротивставените сили во воспоставувањето на власт во Ирак. Според него, за позитивен развој на ситуацијата е потребна флексибилност, разбирање и учење од обете страни. Ваква флексибилност ќе биде потребна и во годините што следуваат.

„Американските деца кои ќе ја добијат оваа војна сега веројатно се во средно училиште. 50 години имавме Студена војна. Ова е битка на култури. Културите секогаш се во некаков вид конфликт и натпревар. Се случува ова сега да биде навистина крваво. Да се надеваме дека можеме да го запреме крвопролевањето и повторно да се вратиме на идеите“, вели тој.

Дали војната против тероризмот е прашање на пролонгиран конфликт на култури, како што вели Роберт Ендрјус, или е повеќе поврзана со специфични прашања како војната во Ирак, како што сугерира Лари Џонсон? Самите терористи даваат спротивставени одговори. Веројатно можна е согласност дека треба да се продолжи секаков пат кој оваа војна ќе ја доведе до завршница.

XS
SM
MD
LG