Линкови за пристапност

ОН велат дека голем дел од околу 600 милиони хендикепирани лица во светот се подложени на дискриминација  - 2003-12-03


По повод одбележувањето на овогодишниот Меѓународен ден на хендикепираните лица, Светската здравствена организација бара од владите, посебно во земјите во развој на хендикепираните лица да им ги гарантираат услугите како што е пристапот до здравствени и рехабилитациони центри.

Светската здравствена организација вели дека околу една четвртина од популацијата во светот е засегната од хендикепираноста, директно или индиректно. Организацијата посочува дека хендикепираноста го засегнува целото семејство, а не само поединецот.

Медицинскиот стручњак во програмата на СЗО за хендикепирани и рехабилитација, Федерико Монтеро, вели дека 80 проценти од хендикепираните лица во светот живеат во земјите со низок стандард.

Мнозинството од нив се најсиромашни меѓу сиромашните, и д-р Монтеро вели дека тоа што немаат пристап до основните услуги, како што се рехабилитационите центри, прави тие да не можат да живеат нормално.

„Немаат пристап до образование. Практично, во многу земји во развој тие немаат пристап до превоз. Доколку луѓето немаат пристап до превоз и до помошни средства, тие не можат да работат. Значи немаат пристап до работа и немаат пристап до соодветни животни услови“, истакна д-р Монтеро.

СЗО вели дека хендикепираните лица се жртви на дискриминација, предрасуди и игнорираност. На овој начин ним им се одземаат човековите права и основните слободи и не им се даваат подеднакви можности.

СЗО посочува дека бројот на хендикепираните е во пораст како резултат на зголемувањето на популацијата и на напредокот на медицината со што се пролонгира животот. Организацијата вели дека неухранетоста, хроничните болести, вирусот ХИВ и СИДА-та, повредите во војна и на пат, како и нагазните мини, придонесваат за зголемување на бројот на хендикепираните.

Д-р Монтеро од СЗО смета дека рехабилитационите центри во општините се докажан начин за да се помогне хендикепираните во земјите во развој да ја добијат физичката нега што им е потребна. Тој вели дека ваквите центри исто така можат да им помогнат тие да станат целосно функционални членови на општеството.

„Овие центри за рехабилитација имаат можности навистина да обезбедат шанса за голем број луѓе со недостатоци, во сиромашните области. Тоа е нешто што навистина припаѓа на општините, и тие треба да ја преземат оваа активност. Тоа за многу земји во развој не е скапа алтернатива“, вели тој.

На пример, др. Монтеро посочува дека во Виетнам, 80 проценти од луѓето со хендикеп целосно се интегрирани во општеството, благодарение на рехабилитационите програми од општините. Тој вели дека Еритреја исто така успешно ги третира десетиците илјади хендикепирани лица преку слични програми.

XS
SM
MD
LG