Линкови за пристапност

Хаг: 27 години казна затвор за првиот офицер на армијата на Босанските Срби за масакрите во Сребреница - 2003-12-02


Судиите на Трибуналот за воени злосторства во Хаг му изрекоа казна затвор во траење од 27 години на офицерот на армијата на Босанските Срби Момир Николиќ за масакрите во Сребреница. Казната е повисока од онаа што ја бараа обвинителите за првиот офицер на Босанската армија кој соработуваше со нив и кој ја призна својата улога во егзекуцијата на над 7.000 муслимански мажи во 1995 година.

По објавувањето на казната, Момир Николиќ се расплака. Обвинителите бараа меѓу 15 и 20 години затвор за овој офицер кој ја призна својата улога во координирањето на масакрите во Сребреница.

Неговите злосторства се од најлош вид, се согласија тие, но каков прв кој истапил и понудил детали за нив, покрај сведочењето против негови поранешни колеги, обвинителите сметаа дека казната на Николиќ треба да биде намалена.

Адвокатите на одбраната бараа 10 години казна затвор, истакнувајќи дека одлуката на нивниот клиент да соработува, би можела да помогне во постигнувањето на целта за помирување во регионот.

Судијата Лиу Дакун објаснува зошто ниту една од овие казни не била доволна.

„Тој со свои очи го гледал одвојувањето на мажите од нивните семејства. Тој го слушал плачот на децата додека нивните татковци биле отргнувани од нив. Тој го видел стравот во очите на жените кои биле туркани во автобуси, бидејќи знаеле оти судбината на нивните татковци, мажи и синови е надвор од нивна контрола“, рече Дакун.

Судиите велат дека Николиќ бил во центарот на злосторничките активности и не се спротивставил на наредби за убиство на илјадници мажи и момчиња. Напротив, тие велат дека бил интегрален и активен дел од тој план.

Николиќ на почетокот на годинава се изјасни за виновен по едно обвинение и се согласи да сведочи против негови поранешни колеги. За возврат, обвинителите ги повлекоа сите други обвиненија против него, вклучувајќи го и она за геноцид.

XS
SM
MD
LG