Линкови за пристапност

Американската армија негира дека е уапсен Ал Дури - 2003-12-02


Американската армија во Ирак ги негира извештаите дека главниот помошник на Садам Хусеин е уапсен. Вчера неколку членови на ирачкиот Владеачки совет изјавија за медиумите дека Изат Ибрахим ал-Дури е или уапсен или убиен претходната ноќ во северниот град Киркук.

Портпарол на единицата на американската армија што ја извела акцијата кажа дека господинот ал-Дури, како што рече, дефинитивно не е уапсен за време на операцијата.

Портпаролот додава дека операцијата започнала рано во вторникот и во моментот кога зборувал сеуште се одвивала.

Соопштението од американската армија е контрадикторно на претходните извештаи од неколку членови на ирачкиот совет кои кажале дека од добро известени извори биле информирани дека американските и ирачките сили го фатиле или убиле поранешниот генерал во акција во близина на Киркук, што е 250 километри оддалечен град од Багдад.

Господинот ал-Дури е највисокиот по ранг претставник на поранешниот режим, покрај самиот Садам Хусеин, кој сеуште е на слобода. Претставници на коалицијата веруваат дека тој директно е вмешан во раководење со некои од нападите на американските трупи во централен Ирак. Неодамна тие за неговото фаќање понудија награда од десет милиони долари.

Минатата недела американската армија ги притвори неговата сопруга и ќерка во очигледен обид да изврши притисок на поранешниот генерал да се предаде.

XS
SM
MD
LG