Ирак-операција
Американските сили изведоа голема операција во северниот град Киркук.
Ирачки официјални претставници на новинарите им кажале дека цел на операцијата бил поранешниот заменик на Садам Хусеин, Изет Ибрахим ал-Дури. Но нема потврда за ова од американската армија. Господинот ал-Дури е највисок член на поранешниот режим по Садам Хусеин, кој се уште е на слобода. Во друг инцидент денеска загинал американски војник во експлозија на бомба крај пат кај градот Самара, каде што во неделата имаше голем судир меќу коалиционите трупи и бунтовниците.
Шпанија-Ирак
Шпанскиот премиер Хозе Марија Азнар откако присуствуваше на погребот на седуммината агенти на военото разузнавање на Шпанија, кои во саботата беа убиени во Ирак, изјави дека и натаму ќе има шпански војници во оваа земја.
Г-динот Азнар пред парламентарците денеска кажа дека Шпанија нема да се предаде на, како што ја нарече, терористичката уцена, бидејќи повлекувањето на шпанските трупи само ќе ги направи терористите посилни. Во Ирак се распоредени околу 1.300 шпански војници. Во обраќањето пред парламентот г-динот Азнар ги пофали како што ги нарече, моралните квалитети на седуммината агенти кои беа убиени од заседа јужно од Багдад. На погребот, освен високи шпански државници прусуствуваше и шпанското кралско семејство.
Израел-САД
Израел побара од американскиот државен секретар Колин Пауел да не се среќава со архитектите на неофицијалниот мировен план за Блискиот Исток.
Заменик премиерот Ехуд Олмерт за израелското радио изјави дека ваква средба би била грешка и нема да помогне во мировниот процес. Американските власти велат дека господинот Пауел е можно да се сретне до крајот на неделава со израелските и палестинските автори на планот. Стејт департментот оваа иницијатива позната како Женесвски договор ја нарече, вреден чекор, но не ја поддржа. Израелската влада го осуди планот, со кој се бара палестинска држава на поголем дел од Западниот брег и Појасот Газа и заеднички суверенитет за Ерусалим.
Британија-апсења
Британските власти велат дека полицијата уапсила четиринаесет лица под сомневање дека планирале терористички напади.
Осомничените денеска биле уапсени во Камбриџ, Лондон и во околината на Бирмингем според федералниот закон за анти-тероризам за осомничени вмешани во “извршување, подготовка или поттикнување“ акти на тероризам. Безбедноста во Британија е на второто највисоко ниво на будност веќе две недели, поради нови закани од терористички напади. Премиерот Тони Блер денеска побара од Британците да бидат исклучително внимателни, но смирени. Британските власти минатата недела уапсија едно лице во Глочестер под сомневавање дека планирал терористички напади.
Саудиска Арабија-САД-Британија
Американската и британската амбасада во Саудиска Арабија предупредуваат дека се можни напади врз станбени објекти во главниот град Ријад, во кои живеат државјани од западните земји.
Во денешното предупредување се вели дека има потврдени информации кои навестуваат дека комплексот Седер Вилиџ во Ријад бил активно набљудуван од терористите и дека исто така и други станбени комплекси се можни цели. Британскиот форин офис претходно ги предупреди своите државјани да ги откажат сите патувања во Кралството, освен најнеопходните. Во самоубиствениот бомбашки напад во саудискиот главен град минатиот месец загинаа 17 лица, а во нападите во мај загинаа 35 лица, меѓу кои и Американци.
Кенија-САД
Американската амбасада во Кенија ги предупреди американските државјани дека е можен терористички напад во главниот град, Најроби.
Во денешното соопштение се вели дека американската влада примила веродостоен извештај дека бомбаши самоубијци планираат напад врз два хотела во главниот град во следните неколку дена. Слични предупредувања биле примени и во седиштето на ОН во Најроби. Околу хотелите е зајакнато обезбедувањето. Во меѓувреме, заради заканата од бомбашки напади две филијали на британската банка Баркли во Најроби се евакуирани, но нема детали за тоа.
ОБСЕ-Пауел-Грузија
Американскиот државен секретар Колин Пауел ја повика меѓународната заедница да го осигура територијалниот интегритет на поранешната советска република Грузија.
Господинот Пауел овој апел го изнесе во денешното обраќање на состанокот на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, што се одржува во Холандија. На изборите закажани за 4 јануари, гласачите во Грузија ќе можат да изберат меѓу најмалку 13 претседателски кандидати. Најпознат меѓу нив е Михаил Сакашвили кој денеска ја поднесе својата регистрација. Тој е еден од лидерите на протестите кои изнудија оставка од поранешниот претседател Едуард Шеварнадзе.
Русија-ЕУ-СТО
Рускиот претседател Владимир Путин вели дека ЕУ го блокира влезот на Русија во Светската трговска организација, со барањата за рапиден пораст на цените на енергијата во земјата.
Г-динот Путин на денешниот состанок со група европски бизнисмени во Москва рече дека домашните цени на енергијата во Русија претставуваат природна конкурентна предност на земјата. Исто така тој кажа дека трговските договори на Русија со земјите од Централна и Источна Европа ќе претрпат штети кога осум од нив ќе се приклучат кон ЕУ во мај следната година. Рускиот претседател исто така изрази загриженост за малиот напредок во олеснувањето на визниот режим меѓу Русија и ЕУ.