Линкови за пристапност

vesti 27 - 2003-11-27


Ирак

Претседавачот со Ирачкиот Владејачки Совет поддржан од САД денеска се согласи со највлијателниот шиитски муслимански свештеник дека треба да боде дополнет планот за враќање на суверенитетот во рацете на Ирачаните.

Џалал Талебани денеска се сретна со Ајатолахот Али ал Систани, чија поддршка на трансферот на власта се смета за најзначајна. Вчера, Ајатолахот изјави дека во актуелниот план ја нема улогата на ирачкиот народ во транзицијата и не се признава исламскиот идентитет на Ирак. Г-динот Талебани изјавил дека планот за трансфер на власта и натаму е актуелен, но веројатно ќе биде изменет за да бидат прифатени забелешките на Ајатолахот.

Израел - Палестинци

Израелскиот премиер Ариел Шарон изјави дека е јасно оти неговата земја ќе се откаже од контролата на некои окупирани палестински територии, како дел од идниот напори за постигнување мир во регионот.

Но во исто време, друг владин претставник изјави дека неговата влада се подготвува наскоро да легализира извесен број еврејски населби на окупираните територии. Г-динот Шарон ги предупреди Палестинците дека времето за отстапки од нивна страна полека одминува. Во меѓувреме палестинскиот премиер Ахмед Куреја соопшти дека директорот на неговиот кабинет и шефот на кабинет на господинот Шарон ќе се состанат идната недела за да ја подготват долгоочекуваната средба на двајцата лидери.

Грузија

Грузискиот парламент го потврди назначувањето на опозициониот лидер Зураб Званија за министер за надворешни работи, што е втора по ранг функција во владата.

Г-динот Званија е еден од тројцата опозиционери кои успешно ја спроведоа кампањата за соборување на грузискиот претседател Едуард Шеварнадзе. Останатите двајца се Нино Бурзанадзе која сега ја извршува функцијата претседател и Михаил Сакашвили кој е претседателски кандидат на опозицијата на изборите закажани за 4-ти јануари. Парламентот исто така избра нови министри за финансии и за внатрешни работи. Меѓутоа, законодавците не можеа да утврдат датум за нови парламентарни избори.

Северна Кореја – Нуклеарна програма

Јужнокорејскиот заменик министер за надворешни работи вели дека неговата земја, САД и Јапонија се подготвуваат да издадат заедничка изјава по повод претстојните разговори чија цел е да се убеди Северна Кореја да ја прекине својата програма за нуклеарно оружје.

Г-динот Лее Шо хјук не даде детали за содржината на изјавата, но јапонските медиуми објавуваат дека во неа ќе се побара Северна Кореја јасно да ја истакне својата намера за откажување од нуклераното оружје, а петте земји за возврат ќе му дадат на Пјонгјанг безбедносни гаранции. Претходно денеска, јужнокорејскиот министер за унификација изјави дека можно е да биде постигнат напредок во разговорите што се очекува да се одржат следниот месец во Пекинг.

Тајван - Референдум

Тајванскиот Парламент го одобри предлогот со кој на Владата и се овозможува да одржи референдум за независност, во случај на напад од Кина.

Таканаречениот „одбранбен референдум“ се смета за голем акт на непослушност кон Пекинг, кој често се заканува со присилно ставање на Тајван под своја контрола. Кинеските државни медиуми денеска го нарекоа тајванскиот претседател Чен Шуи Бјан предизвикувач на неволји, додавајќи дека тој ќе го уништи Тајван. Претседателот Чен изјави дека Владата нема да одржи референдум за независност се додека Кина не употреби сила. Тој сега има правен механизам да закаже вакво гласање, доколку смета дека тоа е неопходно.

Олимпијада - Обезбедување

Организаторите на Олимпијадата велат дека сториле се што е можно за обезбедување на игрите што идната година ќе се одржат во Атина, дури и ако тоа не е прикладно за учесниците и гледачите.

Претседателот на Меѓународниот Олимписки комитет, Жак Рог денеска кажа дека безбедноста е приоритет на неговата организација. Тој рече дека ако има многу вооружени сили и други мерки во Атина, така мора да биде. Организаторите во Атина подготвија најголем безбедноснен план досега. Тие ќе потрошат на 773 милиони долари само на обезбедување. Неодамнешните терористички напади во Турција исто така ја зголемија загриженоста за безбедноста во Атина. Властите велат дека е можно да ги преиспитаат плановите за Олимписките игри што ќе започнат на 13 август.

Србија и Црна Гора – Робертсон

Генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон застана во одбрана на воздушните напади врз Југославија во 1999-та, велејќи дека тоа бил едениствениот начин да се стави крај на етничкото чистење на Косово.

Г-динот Робертсон кој се наоѓа во посета на Белград ја повика Србија и Црна Гора да ја остави настрана лутината од нападите и да гледа кон иднината. Тој истакна дека земјата ќе може да и се придржи на програмата на НАТО, Партнерство за мир, но најпрво ќе мора да да го уапси и испорача генералот Ратко Младиќ кој е обвинет за воени злосторства. Генералниот секретар на Алијансата потоа ќе ја посети и Босна и Херцеговина, а наредниот месец ќе замине од функцијата.

XS
SM
MD
LG