Ирак
Лидерите на мнозинската заедница на Муслиманите Шиити во Ирак изразија противење на новиот план за трансфер на власта идната година од коалицијата предводена од САД на привремена влада. Лидерот на главната шиитска политичка партија кажа дека со сегашниот план премногу се одложуваат изборите. А највлијателниот ирачки шиитски верски лидер, големиот ајатолах Али ал-Систани, кажа дека во планот нема определено доволна улога за ирачкиот народ во трансферот на власта и не се обезбедува исламски идентите за Ирак. Во новиот план се предвидува привремена влада идната година која би била избрана од водачите на заедниците. Општи избори не би се одржале до 2005.
Иран – нуклеарна програма
Нуклеарната агенција на ОН ја усвои резолуцијата со која се осудува Иран за измама во врска со неговата нуклеарна програма. Бордот на Меѓународната Агенција за атомска енергија ги усвои овие мерки на денешниот состанок во Виена. Додека во резолуцијата се критикува Иран дека ги криел нукеларните истражувања, исто така се наведува и неодамнешното отворање на владата на Техеран, вклучувајќи го и ветувањето од минатиот месец дека Иран ќе престане со збогатување на ураниум. Првиот човек на Агенцијата, Мохамед Ел-Барадеј кажа дека Бордот испраќа “многу сериозна и заканувачка порака дека нема да бидат толерирани идни грешки“.
Северна Кореја - преговори
Се интензивираа дипломатските разговори за севернокорејската нуклеарна криза пред очекуваната втора рунда мултипартитни разговори што ќе се одржат во Пекинг наредниот месец. Јужнокорејскиот министер за одбрана се наоѓа во Токио на разговори со својот јапонски колега, додека главниот јапонски преговарач за нуклеарното прашање е во посета на Сеул каде ќе се сретне со својот јапонски колега. Претставниците во Пекинг велат дека севернокорејскиот претставник за преговорите индицирал оти неговата влада е определена за дополнителена рунда разговори за нуклеарнио спор.
Грузија – Буш
Претседателот Буш ја пофали Грузија за мирниот трансфер на политичката моќ и за брзиот повик за распишување нови претседателски избори. Портпаролот на американскиот Совет за национална безбедност, Шин Мекормак изјави дека г-динот Буш ова го изјавил за време на телефонскиот разговор со грузискиот привремен претседател Нино Бурџанадзе. Како што кажа г-динот Мекормак, претседателот Буш ја повторил поддршката на Вашингтон за грузискиот суверенитет, независност и територијален интегритет. Во меѓувреме, во Тбилиси, претседателот Бурџанадзе изјави дека лидерот на главната опозициона партија во земјата, Михаил Сакашвили ќе биде единствениот кандидат за претседателските избори во јануари од редовите на коалиционата опозиција.
Кина - САРС
Кина организираше група експерти за да ги испитаат придружните ефекти од Тешкиот акутен респираторен синдром, по извештаите дека многу пациенти кои се опоравиле од болеста сега страдаат од дегенерација на коските. Државниот кинески весник објави дека експертите ќе се фокусираат на тоа дали овие несакани ефекти се последица на лековите што се користеле против САРС. Околу пет илјади луѓе во Кина беа заболени од САРС, но оздравеа. Весникот не наведува колку од нив страдаат од дегенерација на коските. Кинеското министерство за здравство организираше екипа, во која е и д-р. Џули Хал од Светската здравствена организација. Таа вели дека дегенерацијата на коските е познат несакан ефект од големи дози на стероиди што биле користени за лекување на САРС.
Африка - СИДА
Детскиот фонд на ОН предупредува дека десетици милиони деца во Африка ќе бидат сираци доколку се влоши епидемијата на СИДА. Во извештајот на УНИЦЕФ што е објавен денеска, се вели дека над 11 милиони африкански деца помали од 15 години, веќе се сираци, но се додава дека допрва следи најлошото. До 2010 година УНИЦЕФ проценува дека 20 милиони деца во субсахарска Африка ќе изгубат барем еден родител заради СИДА, со што бројката на сирачиња ќе достигне 42 милиони. Агенцијата вели дека африканската Влада мора да развие политика за да обезбеди нега, образование и психолошка терапија за сираците.