Линкови за пристапност

Уапсено семејството на близок соработник на Садам - 2003-11-26


Американската армија соопшти дека ги уапсила сопругата и ќерката на главниот заменик на Садам Хусеин, Изет Ибрахим Ал Дури, во вчерашниот упад во градот Самара во тнр. Сунски Триаголник, северно од Багдад.

Не се знае дали Ал Дури во време на апсењата се наоѓал во оваа област. Поранешниот потпретседател на Револуционерниот команден Совет на Садам Хусеин е шести на американската листа на најбарани Ирачани.

Минатата недела, американските претставници распишаа награда од 10 милиони долари за информација која ќе доведе до негово апсење. Армијата вели дека поседува доказ оти генералот е директно одговорен за планирање на некои од нападите против американските сили во Ирак.

Во меѓувреме, анти-коалиционите противници доцна вчера испукале најмалку три ракети врз штабот на Коалиционата привремена Управа под американско раководство. Веднаш биле активирани предупредувачките сирени, биле испукани светлечки ракети, а жителите на комплексот биле евакуирани во скривници.

Претставници на коалицијата истакнуваат дека ракетите паднале надвор од комплексот, при што била погодена пумпа за плин и една станбена зграда. Во нападите се повредени двајца Ирачани.

Британскиот секретар за надворешни работи Џек Строу, кој е во дводневна, претходно ненајавена, посета на Ирак, за време на нападот се наоѓал во седиштето на коалицијата.

Г-динот Строу рече дека воспоставувањето на безбедноста во Ирак претставува огромен предизвик за коалицијата. Но тој рече дека е убеден оти транзицијата на власта во рацете на Ирачаните ќе ја подобри безбедносната ситуација.

“Колку повеќе на сите Ирачани им даваме шанса за нивната иднина и стабилна политичка архитектура во која ќе работат, убеден сум дека се поголем број Ирачани ќе стануваат приврзаници на таа иднина, и се помалку од нив ќе мислат оти теророт и приклонувањето кон теророт е патот напред“, истакна британскиот секретар за надворешни работи.

Г-динот Строу истакна дека нема прецизирано временски рок за повлекување на коалиционите војници од Ирак и оти трупите ќе останат таму се додека новата ирачка влада и ирачкиот народ го сакаат тоа, за да се осигура мирната транзиција кон демократија.

Секретарот Строу соопшти дека вчера се сретнал со членовите на Ирачкиот Управувачки совет на разговори за политичкиот процес. Според планот поддржан од САД, коалиционата администрација треба да го пренесе суверенитетот на новата транзициона влада до крајот на јуни следната година.

XS
SM
MD
LG