Линкови за пристапност

Црвенковски во Вашингтон:  САД ќе ја поддржат Македонија во евроатлантската интеграција - 2003-11-25


Најпрвин ненајавено премиерот Црвенковски во Пентагон беше гостин на секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд и заменик-секретарот Пол Волфовиц. Според Кабинетот на премиерот, од македонска страна било искажано очекување во правец на претстојниот Самит во Истанбул за силен политички сигнал дека Македонија ќе биде интегрирана во НАТО во следната фаза.

По средбата со државниот секретар Колин Пауел, македонскиот премиер оцени дека „односите меѓу САД и Македонија се на многу високо ниво. Иако Македонија е мала земја, таа е мошне стабилен и доверлив партнер и сојузник на САД“.

Секретарот Пауел кажа дека разговарале за тоа колку далеку стигнала Македонија во последниве неколку години, споменувајќи го во тој контекст спроведувањето на Рамковната спогодба како и дека премиерот Црвенковски му најавил дека во блиска иднина ќе започне и реализацијата на последниот голем чекор - децентрализацијата.

Тој истакна дека Македонија реагирала кога на САД им требаше помош во Авганистан и Ирак во глобалната војна против тероризмот, и дека иако се работи за мал број на војници, симболиката на помошта е огромна. Секретарот Пауел се заблагодари на премиерот Црвенковски за тоа што Македонија го потпиша билатералниот договор познат како Член 98 за изземање на американските граѓани од надлежноста на Меѓународниот кривичен суд, и покрај, како што нагласи, притисокот што постоел тоа да не го стори. Според Пауел, завршувањето на воената мисија на ЕУ во Македонија на 15 декември е знак дека земјата достигнала степен на политичка стабилност и стабилност внатре во општеството за да може самата да се грижи за своите потреби, со извесна помош од странство, но без странски воени сили .

По средбата во Белата куќа со американскиот потпретседател Дик Чејни, премиерот Црвенковски ги резимираше своите средби со првите луѓе на американската администрација: „За нас беше многу битно отворено, во директни разговори, ја искажеме нашата аспирација да станеме дел од евроатлантските структури. Морам да кажам дека имам впечаток по сите овие разговори дека навистина САД во тој процес ќе ја дадат својата поддршка на Република Македонија“.

Тоа што Вашингтон стои зад македонската аспирација дава нов квалитет на процесот на интегрирање на државата во НАТО, заклучи Црвенковски.

Македонската делегација, во чиј состав се и потпретседателот на Владата Муса Џафери и министерката за надворешни работи Илинка Митрева утре е во Њујорк, каде се планирани средби со генералниот секретар на ОН Кофи Анан и претставниците на македонската и албанската етничка заедница во Њујорк.

XS
SM
MD
LG