Линкови за пристапност

Најнови вести, 25 ноември - 2003-11-25


Ирак – експлозии

Неколку силни експлозии одекнале во централен Багдад, само неколку часа откако американски претставници соопштија дека бунтовниците сега се фокусирале на напади врз Ирачани, а помалку на американските трупи. Сирени се слушале од седиштето на коалицијата под американско раководство, но се уште нема информации од американската армија за причините за експлозиите ниту за местото каде се случиле. Претходно, господинот Бремер на новинарите во Багдад изјави дека бунтовниците се обидуваат да ги заплашат недолжните Ирачани со насилство. Тој рече дека нападите ќе бидат неуспешни.

Иран – нуклеарна програма

САД постигнаа согласност со клучните европски држави за предлог резолуцијата на нуклеарната агенција на ОН во која се осудува Иран за измама во врска со неговата нуклеарна програма. Дипломатите вчера соопштија дека Вашингтон го прифатил компромисот според кој се критикува Иран за измама во период од речиси две децени, но засега се одложува нукеларниот проблем да биде изнесен пред Советот за безбедност на ОН. Меѓутоа, во предлог резолуцијата се повикува бордот на Меѓународната агенција за атомска енергија веднаш да се состане за да ги разгледа сите опции доколку во иднина се откријат нови нуклеарни прекршоци на Иран. Исто така се споменува неодамнешната отвореност на Техеран, како и ветувањето што им беше дадено на европските министри за надворешни работи минатиот месец дека ќе запрат со збогатување на ураниум.

Грузија – избори

Грузискиот парламент го утврди четврти јануари како датум за одржување на избори за наследник на соборениот претседател Едуард Шеварнадзе. Лидерот на главната опизициона партија, Михаил Сакашвили денеска за новинарите во Тбилиси изјави дека тој и останатите опозициони лидери ќе застанат зад еден кандидат на изборите. Парламентот се очекува повторно да заседава в четврток за да го разгледа датумот за нови парламентарни избори. Претходно денеска, грузискиот привремен претседател Нино Бурџанадзе изјави дека Грузија се наоѓа на работ на економски колапс. Таа и соопшти на Владата дека новите податоци покажуваат оти економската ситуација во земјата е полоша одошто претходно се претпоставувало.

Индија – Пакистан

Индија и Пакситан соопштија дека нивните армии ќе склучат примирје на недоредено време што ќе започне на полноќ, по локално време, во спорниот регион на Кашмир. Во соопштението на индиското министерство за надворешни работи се вели дека прекинот на огнот ќе се спроведува од двете страни на линијата на контрола што ги дели Индија и Пакистан во делот на Кашмир и Сиачен глечерот, што е познат како бојно поле на најголема височина во светот. Во неделата, Пакистан објави еднострано примирје долж Линијата на контрола што започна со прославата на муслиманскиот празник Бајрам. Пакистан кажа дека овој потег има за цел да ги подобри билатералните односи.

САД – економија

Во периодот од јули до септември годинава, американската економија забележала темпо на пораст од 8,2 проценти, што е побрзо од очекуваното. Ова е најголемата квартална стапка на пораст во изминативе две децении. Владини експерти велат дека ги полнат рафтовите на продавниците за задоволување на очекуваната побарувачка и ги зголемуваат инвестициите во опрема. Исто така е забележан пораст на вложување во станбени објекти. Економската експанзија ја потврдува и извештајот на самостојни аналитичари, како и тоа дека во октомври е забележано и највисоко ниво на потрошувачка доверба годинава. Во извештајот се наведува дека потрошувачите биле охрабрени од постепениото подобрување на американскиот пазар на работни места.

Бајрам Рамазан

Муслиманите ширум светот го прославуваат празникот Бајрам, со што завршува муслиманскиот свет месец Рамазан. Во најголем дел во земјите на Блискиот Исток и во Азија прославата започна со молитва, пост и посета на гробовите на починатите во семејството. Бидејќи почетокот на празникот зависи од тоа кога локалното свештенство ќе ја здогледа појавата на младата месечина, муслиманите во Бангладеш, Индија, Пакистан и делови од Ирак, тридневната прослава ќе започне утре. Во пораката до Муслиманите во светот, претседателот Буш ги повика припадниците на сите религии за заедничка соработка за мир во светот.

XS
SM
MD
LG