Линкови за пристапност

Жестока дебата за Ирак меѓу Демократите кандидати за претседател - 2003-11-25


Последната расправија меѓу демократите во врска со Ирак беше на дебатата на кандидатите во Ајова, што ја спонозираше кабловската телевизија Ем-Ес-Ен-Би-Си. Во Ајова ќе започне процесот за претседателска номинација на 19 јануари.

Американскиот генерал во пензија, Весли Кларк се обиде да ги зацврсти надежите за влез во Белата куќа започнувајќи напад врз одлуката на претседателот за војна во Ирак.

“Администрацијата не однесе во војна безобзирно и без потреба и беше погрешно, а тоа е тема на овие избори и тоа е проблем за кој треба да му зборуваме на американскиот народ“, кажа господинот Кларк.

Но додека кандидатите за претседателска номинација од Демократската партија го критикуваа претседателот, тие почнаа да се напаѓаат и меѓусебно во врска со политичките разлики за Ирак.

Сенаторот од Масачустетс Џон Кери кажа дека заради неговото искуство во надворешната политика во Конгресот тој е во предност во споредба со поранешниот гувернер на Вермонт, Хауард Дин, кого многумина го сметаат за фавротит на почетокот на претседателската номинација на Демократската партија идната година.

“Никогаш не сум рекол дека Дин не е способен. Кажувам дека искуството е многу важно и клучно прашање за нашите можности да му се спротивставиме на Џорџ Буш во време на војна“, кажа Кери.

Хаурад Дин продолжи да го критикува сенаторот Кери и другите кандидати кои гласаа за поддршка на барањето на претседателот Буш за одобрение од Конгресот да се употреби сила во Ирак минатата година.

“Тоа беше погрешно. Тоа беше откажување, неуспех на дел од Конгресот и сенаторот Кери беше дел од тој неуспех. Мислам дека не ни е потребно такво искуство во надворешната политика на Белата куќа. Мислам дека ни треба некој кој ќе носи независни одлуки и кој нема да го заобиколува Конгресот во водењето на надворешната политика и во објавувањето војна“, истакна господинот Дин.

На ова одговори конгресменот од Мисури, Ричард Гепард, кој кажа дека господинот Дин едно време размислувал да поддржи употреба на сила проив Садам Хусеин, но потоа се предомислил.

“Ако имаме намера да го победиме Џорџ Буш, мора да заземеме лидерска позиција по овие прашања и да се држиме до тоа“, рече господинот Гепарт.

Конгресменот Гепарт е во тесна битка со поранешниот гувернер Дин во партиските избори во федералната држава Ајова. Господинот Дин и сенаторот Кери се главните натпреварувачи на партиските избори во Њу Хемпшир, што ќе се одржат една недела по гласањето во Ајова кон крајот на јануари.

Во меѓувреме, претседателот Буш и натаму ја брани својата политика во Ирак. Тој се појави пред американските војници во Колорадо.

“Се бориме против терористите во Ирак и во Авганистан и во други делови на светот, така што нема да мора да се бориме на улиците на нашите градови“, истакна претседателот Буш. Расправата на Демократите се очекува да станува се пожестока со приближувањето на изборите.

XS
SM
MD
LG