Линкови за пристапност

Црвенковски: „Се надевам и убеден сум дека ќе ја имаме поддршката на Вашингтон за остварување на целите за кандидатура и потоа членство на Македонија во ЕУ и НАТО“  - 2003-11-24


„Се надевам и убеден сум дека ќе ја имаме поддршката на Вашингтон за остварување на целите за кандидатура и потоа членство на Македонија во ЕУ и НАТО“, истакна македонскиот премиер Бранко Црвенковски во американскиот Институт за мир, каде зборуваше на тема – Македонија, патот напред.

Што се однесува до процесот на стабилизација на Македонија, господинот Црвенковски беше дециден:

„САД дадоа огромен придонес во овој процес. Нашата аспирација е да ги споделиме истите цивилизациските вредности со развиените западни демократии. Нашата цел е да станеме дел од европскиот дом и евро-атлантските структури“, рече тој.

Односите со САД, премиерот ги нарече приоритет за Македонија. Не очекуваме да се случат чуда за време на престојниот самит на НАТО во Истамбул, но сепак се надеваме на јасна политичка порака за проширување и дека Македонија е сериозен кандидат во наредната рунда, кажа премиерот.

Господинот Црвенковски подвлече и дека денес на територијата на Македонија нема ниту едно населено место каде полицијата не може да влезе и не може да си ја врши својата работа, што пред една година не можело да се замисли. Тој исто така кажа и дека безбедносната ситуација во државата е целосно стабилизирана. Институциите на земјата функционираат на целата територија, со исклучок на постоењето на оддделни криминални и екстремистички групи и поединци кои предизвикуват изолирани инциденти, а кои немаат поддршка од локалното население, рече премиерот.

Во врска со Косово, господинот Црвенковски се изјасни за поддршка на политиката на САД и на меѓународната заедница за стандарди пред статус и кажа дека апсолутно не се согласува дека иднината на Македонија зависи од идниот статус на Косово.

Како најважни фактори за запирање на конфликтот во Македонија во 2001-та тој ги наведе високото ниво на зрелост и огромен демократски потенцијал демонстрирани од мнозинството на македонскиот народ, и второ, навремената и координирана акција на меѓународната заедница, особено на Вашингтон и Брисел.

Македонскиот премиер зборуваше и за спроведувањето на Охридскиот договор како начин за целосна демократизација на македонското општество со јасна европска и евро-атланска перспектива. На македонската Влада и претстои решавање на прашањето за децентрализација на власта, рече тој, подвлекувајќи дека неопходните закони ќе бидат донесени во наредните два месеца.

Како најголем проблем во Македонија премиерот ја издвои невработеноста и изнесе верба во актуелните планови за зголемување на странските инвестиции во земјата.

XS
SM
MD
LG