Линкови за пристапност

Строу: Меѓународните терористи имаат удел во нападите во Истанбул - 2003-11-21


Еден ден откако бомбашите самоубијци извршија два напада врз британски цели, турскиот министер за надворешни работи, Абдула Ѓул на новинарите им изјави дека е постигнат напредок во истрагата за експлозиите.

„Уапсени се некои лица, но мислам дека е премногу рано да се даваат повеќе информации за нив“, рече тој.

Изјавата на господинот Ѓул уследи откако реномираниот турски весник, Хуриет објави дека се уапсени седум лица во врска со вчерашните напади и дека полицијата верува оти двајцата напаѓачи во автомобилите бомби се од турска националност и блиски соработници на бомбашите кои ги извршија нападите минатата сабота врз двете синагоги во Истанбул. Во тие напади загинаа 25 лица, а над 300 беа повредени.

САД и Велика Британија објавија предупредување дека Турција може да биде цел на нови терористички напади заради нејзиното сојузништво со западните држави, што ја промовира како пример за успешна секуларна муслиманска демократија.

Британскиот министер за надворешни работи, Џек Строу, кој утрово ги испитуваше остатоците на генералниот конзулат на неговата земја, на новинарите им изјави дека меѓународните терористи имаат удел во нападите.

„Изгледа дека се извршени од ал-Каида и нивните соработници“, истакна г-динот Строу.

Огранокот на ал-Каида, познат како Абу Хафз ал-Масри бригади, ја презеде одговорноста за двојниот напад врз британски интереси, како и за нападот врз синагогите. А милитантната Исламска турска група позната како Голем источен исламски фронт за напади, вели дека ги извршиле сите четири бомбардирања во соработка со ал-Каида.

Господинот Строу кажа дека на на глобалната офанзива на терористите треба глобално да се реагира.

„Фактот дека ова се повторни жртви тука во Турција за една недела, по жртвите на тероризмот секаде во светот, во Индонезија, Саудиска Арабија, Мароко, низ Европа, во САД, покажува дека ние кои го претставуваме цивилизираниот свет се соочуваме со глобална закана и мора да се справиме со тоа глобално“, смета британскиот секретар за надворешни работи.

Најцрната недела на терористичко насилство во Турција во последниве години уследи додека економијата во оваа земја само што почна да се опоравува од тешката економска криза. Последните терористички напади се закана за туризмот што е важен за оваа земја, и за несигурните странски инвеститори.

XS
SM
MD
LG