Денеска во Ирак, неколку ракети погодија два хотели кои ги користат американските претставници и странските медиуми во централен Багдад. Нападите врз хотелите се случиле неколку минути откако осум ракети го погодиле министерството за нафта, на оддалеченост од неколку километри.
Ракетите го погодиле министерството непосредно по седум часот утрово, по што кон небото се издигнуваа густи црни облаци од чад.
Неколку минути подоцна, ракети истовремено паднаа и во силно обезбедуваните хотели Палестина и Шератон. Двата 20-катни хотели се сместени еден покрај друг на источниот брег на реката Тигар, и во нив се сместени голем број американски претставници и најголемите американски медиумски куќи.
Ахмед Уда Насир, припадник на ирачката полиција, вели дека видел како прозорците на повисоките катови на хотелот Палестина експлодирале, додека неколку ракети ја погодиле зградата.
Г-динот Насир вели дека стоел во близина на главниот влез на хотелот, кога забележал како запрегата била тргната од улицата и приближена до хотелот. Г-динот Насир вели дека тргнал да изврши проверка на колата, кога од неа биле испукани ракетите кои го погодиле хотелот.
Американската војска потврди дека во близина на министерството за нафта и двата хотели пронашла неколку ракетни лансери поставени на други запрежни коли, што наведува дека нападите во извесен степен биле планирани и координирани.
Во нападот на министерството за нафта нема повредени, бидејќи поради традиционалниот Муслимански ден за молитва што се одбележува во петок, денеска е затворено. Но очевидци велат дека најмалку едно лице кои стоело пред хотелот Палестина се здобило се сериозни повреди на главата.
Во Багдад, ирачката полиција денеска открила лансер и 30 ракети, оставени на улица во близина на Италијанската амбасада. Не е познато дали амбасадата била потенцијална цел
Во изминативе месеци, бунтовниците ширум Ирак извршија зголемен број напади врз коалиционите сили, странските организации и Ирачаните кои соработуваат со администрацијата под американско раководство.
Како одговор на тоа, американската војска изврши серија агресивни пребарувања и операции на уништување за растурање на бунтовниците. Претседателот Буш вели дека кампањата на насилство за протерување на коалиционите сили од Ирак нема да биде успешна.