Линкови за пристапност

Во Лондон организирани големи протести против претседателот Буш - 2003-11-20


Тоа беше бучен но мирен марш низ централен Лондон. Меѓу демонстрантите имаше нереформирани комунисти, студенти, дисидентски членови на парламентот и Американски воени ветерани - противници на војната.

Она што сите ги обединува е опозицијата на надворешната политика на претседателот Буш и лутината што британскиот премиер Тони Блер ја подржува таа политика, како што вели организаторот на маршот Ендру Баргин.

„Ова е само уште еден начин да го искажеме мислењето, за кое веруваме дека е мнозинско чувство во оваа земја, дека сме против она што се случи во Ирак, дека сме против натамошната окупација на Ирак. Има и други луѓе кои имаат друг вид проблеми со политиката на Џорџ Буш и Тони Блер“, истакна Баргин.

Како врв на протестот, демонстрантите ја симнаа шестметарската хартиена статуа на претседателот Буш која беше поставена на историскиот плоштад во Лондон, Трафалгар.

Организаторите на протестот велат дека тоа било симболично повторување на сликата кога американската армија ја урна статуата на Садам Хусеин во Багдад во април годинава. Откако фигурата на американскиот претседател падна на земјата, демонстрантите скокаа на неа додека сосема не ја уништија.

Од друга страна, едно истражување на јавното мислење направено од весникот Гардијан објавено нешто порано неделава покажа силно проамериканско расположение. Две третини од испитаниците велат дека британските и американските трупи сега не треба сега да се повлечат од Ирак, туку напротив, да останат додека ситуацијата не стане постабилна.

На прес-конференција неколку часа пред маршот претседателот Буш беше запрашан што мисли за демонстрациите.

„Фантастично е да се дојде во земја каде луѓето се слободни да ги искажат своите погледи“, истакна господинот Буш.

Тој и премиерот Блер ја повторија определбата да ги задржат трупите во Ирак се додека не се врати стабилноста и додека земјата не застане цврсто на патот кон демократија.

XS
SM
MD
LG