Линкови за пристапност

Претседателот Буш и британскиот премиер Тони Блер ги осудија нападите во Истанбул - 2003-11-20


Нивниот одговор на бомбашките напади беше со акцент на заедништвото и одлучноста. Премиерот Блер нападите врз британските интереси во Истанбул ги нарече најнов излив на тероризам.

„Уште еднаш мора да истакнме дека не смееме да се повлечеме пред тероризмот - нема компромис, нема двоумење во справувањето со ова зло во нашите напади секогаш и секаде каде што можеме, со цел целосно да го поразиме“, истакна Блер.

Претседателот Буш рече дека нападот во Истанбул ја покажува вистинската природа на терористичкиот непријател.

„Го гледаме нивното непочитување, нивното целосно непочитување на животите на недолжните луѓе. Тие ги мразат слободните држави. Денес уште еднаш посведочивме за нивната желба да убиваат“, вели американскиот лидер.

Тој кажа дека целта на терористите е да ги заплашат слободните држави. Тој рече дека тие нема да успеат во оваа намера, бидејќи Америка и Британија се обединети во заедничката битка против нив.

„Нашата заедничка работа за воспоставување демократија во Авганистан и Ирак е од суштинско значење за поразување на глобалниот тероризам. Ширењето на слободата и надежта што таа ја носи, е најсигурниот пат во долготрајната битка со очајот и незадоволството што го потхрануваат тероризмот“, кажа Буш.

Тој истакна дека денеска се сретнал со семејствата на седуммината британски војници кои загинаа во Ирак и рече дека тие загинале за каузата на слободата на човештвото, опишувајќи ја мисијата во Ирак како благородна и неопходна. Господинот Буш додаде дека иако се планира забрзано воспоставување на самоуправа во Ирак, безбедносните потреби ќе диктираат кога коалиционите трупи ќе се повлечат.

Премиерот Блер се согласи со тоа, додавајќи дека тие ќе останат во Ирак се додека работата не биде завршена.

„Ние мора да го направиме тоа, бидејќи тоа е суштински дел во поразувањето на овој фанатизам и екстремизам чии жртви денес се недолжни луѓе низ целиот свет“, изјави премиерот на Британија.

На заедничката прес-конференција во близина на канцеларијата на премиерот, двајцата лидери исто така се осврнаа на десетиците илјади анти-воени демонстранти кои се собраа во Лондон по повод посетата на американскиот претседател. Претседателот Буш беше прашан зошто е толку омразен од демонстрантите. Тој одговори дека не е сигурен оти е тоа така.

„Целосно ги разбирам луѓето што не се согласуваат со војната. Но се надевам дека се согласуваат со мирот и слободата“, кажа тој.

Прашањата за тероризмот и Ирак нормално доминираа во разговорите меѓу претседателот и премиерот. Тие не објавија никакви одлуки во однос на другите две теми на кои било разговарано. Една е статусот на американските царини за увоз на челик. Другата е судбината на британските граѓани уапсени од страна на САД во Авганистан, кои се наоѓаат во Заливот Гвантанамо, на Куба, како непријателски борци.

XS
SM
MD
LG