Линкови за пристапност

vesti 11-20 - 2003-11-20


Турција – Напади

Во експлозии на бомби денеска пред британскиот конзулат и лондонската банка во Истанбул загинале најмалку 27 лица, а околу 450 се повредени.

Меѓу загинатите е и британскиот генерален конзул. Гувернерот на Истанбул изјави дека напаѓачите дигнале во воздух два камиона полни со експлозив и дека нападите очигледно биле координирани. Британскиот секретар за надворешни работи изјави дека нападите се акти на тероризам и ги носат ознаките на мрежата ал-Каида. Пред пет дена 25 лица загинаа во самоубиствените бомбашки напади врз двете синагоги во Истанбул. Напаѓачите беа идентификувани како Турци веројатно поврзани со ал-Каида.

Реакции на нападите во Истамбул

Светските лидери ги осудија бомбашките напади во Турција велејќи дека инцидентите укажуваат на потребата од меѓународна соработка во борбата против тероризмот.

Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан вели дека они кои стојат зад нападите немаат почит смрема човечкиот живот. Во соопштението од Ватикан се вели дека варварската логика на тероризмот само предизвикува смрт на невини луѓе. Во Германија, претседателот на Советот за Европа, Питер Шидер кажа дека напаѓачите не се ништо освен криминалци. Израелскиот премиер Ариел Шарон издаде соопштение во кое вели дека не може да има компромис со тероризмот кој го опиша како закана спрема целиот свет. Во Брисел, Генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон вети дека Алијансата ќе работи рамо до рамо за да се елиминира курсот на тероризмот. Турските напади ги осуди и кинеската Влада нарекувајќи го тероризмот закана по човештвото.

Буш – Британија

Претседателот Буш и британскиот премиер Тони Блер ветија дека ќе ја водат борбата против без притоа да има компромис или колебање.

Господинот Блер на заедничката прес-конференција во Лондон кажа дека денешните експлозии во Турција покажуваат дека поддржувачите на демократијата мора да бидат цврсти и да продолжат да се борат против оние што ги нарече “фанатици на теророт“. Претседателот Буш кажа дека терористите покажуваат целосен презир кон животот. Тој рече дека Британија и САД се обединети во нивната тага и во нивната определба да го поразат тероризмот. Во меѓувреме, десетици илјади демонстранти маршираат низ Лондон на анти-воените протести што коинцидираат со посетата на господинот Буш. Главен дел од протестите беше симнувањето на портретот од господинот Буш на Плоштадот Трафалгар.

Ирак

Во одделни напади со автомобили бомби во Ирак загинале најмалку шест лица. Властите велат дека цел на нападите биле водечката курдска група и лидерот на локалните Суни муслимани, кој соработувал со коалицијата предводена од САД.

Сведоци изјавија дека бомбаш самоубиец денеска се разнел во автомобил пред канцелариите на Патриотската Унија за Курдистан во Киркук, при што загинале уште четири лица. Лидерот на курдската група, Џалал Талабани, во моментов раководи со ирачкиот владејачки совет назначен од САД. Во друг напад доцна синоќа во Рамади, западно од Багдад, експлодирал автомобил пред домот на про-американскиот лидер на ирачкото племе Суни. Се известува дека загинале двајца негови роднини.

Иран – нуклеарна програма

Бордот на нуклеарната агенција на ОН се состана во Виена за да одлучи дали Иран го прекршил Договорот за неширење на оружје.

Раководителот на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед Ел Барадеј пред бордот денеска изјавил дека многубројните прекршоци на Иран и неисполнувањето на меѓународните обврски прдизвикуваат длабока загриженост. Но господинот Ел Барадеј исто така го поздрави неодамнешното ветување на Иран да дозволи ненајавени нуклеарни инспекции, нарекувајќи го нов дух на соработка од страна на Исламската република. Тој го повика бордот да подготви резолуција во која ќе има “лоши и добри вести“ за иранската нукеларна програма. Се очекува бордот утре да го презентира конечниот предлог на резолуцијата.

Израел – Палестинци

Израел вели дека не се чувствува обврзан со резолуцијата на ОН со која се поддржува мапата кон мирот и вели дека може да продолжи со изградбата на ѕидот на Западниот брег и покрај критиките на претседателот Буш.

Вицепремиерот Ехуд Олмерт кажа дека Израел ја прифатил мапата кон мирот со низа реверви и дека не сака ОН да бидат инволвирани во имплементацијата на планот. Советот за безбедност на ОН вчера едногласно гласаше за мапата кон мирот. Господинот Олмерт исто така кажа дека Израел има право да преземе “еднострани акции“, вклучувајќи и изградба на ѕидот на палестински области. Претседателот Буш вчера кажа дека ѕидовите и оградите може да им наштетат на мировните преговори.

XS
SM
MD
LG