Линкови за пристапност

Недела на светски религии во Унгарија  - 2003-11-19


Во близина на еден од од најмодерните трговски центри во Будимпешта, Ерменските Христијани се обидуваат да ги потсетат купувачите дека животот не е само материјализам.

На презентација во Ерменскиот културен центар, украсен со орнаменти и слики на стари цркви, посетителите имаат прилика да слушаат традиционални ерменски црковни песни, и, доколку останат доволно долго, ќе бидат почестени со ерменски слатки.

Настанот, вели организаторот, е дел од Неделата на светски религии.

За љубопитните посетители исто така се отворени вратите и на други цркви и верски објекти на хинду, будистичките, еврејските, муслиманските и Харе Кришна-заедниците во Будимпешта.

Главниот организатор и претседател на Центарот за верска информираност и образование, Тамаш Барабаш, вели дека Неделата на светски религии промовира толеранција и намерата е да им се помогне на луѓето да го откријат својот верски идентитет по децении верска репресија во времето на комунизмот. Тој вели: Тие не можеа многу отворено да ја искажат својата врска со религијата. Сега дојде време отворено да се искажуваат верските убедувања и никој не треба да го крие својот верски идентитет.

Господин Барабаш, чие потекло е протестантско и еврејско, вели дека се поголем број млади луѓе го истражуваат своето религиско наследство.

Дваесет и осумгодишната ерменска Унгарка Сона Авенешиан, која од неодамна работи како новинар во Унгарската телевизија, вели дека ја посетува црквата на ерменската заедница бидејќи тоа ја поврзува со нејзините предци.

Тоа ни е важно, затоа што сме Ерменци и нашиот идентитет е во религијата. Јас секогаш велам дека сум Ерменка, но сум пораснала во Унгарија, вели таа.

Унгарската еврејска заедница исто така ги проширува своите активности. Таа неодамна повторно ја воспостави Организацијата на ортодоксни Еврејки, педесет години откако активностите на оваа група биле суспендирани од комунистичкиот режим.

Но не се сите задоволни од ова унгарско оживување на религијата. Како што цвета религијата, така расте и омразата кон некои верски групи.

Претставници на еврејската заедница изразија загриженост поради анти-семитизмот во Унгарија, која беше сојузник на нацистичка Германија во Втората светска војна, кога беа убиени 600 илјади унгарски Евреи.

Овој месец еден суд во Будимпешта ја преиначи осудата на протестантски пастор и поранешен член на Парламентот, Лорант Хегедус, претходно осуден на 18 месеци условна казна затвор заради поттикнување на Унгарците да ги протераат Евреите од општеството.

Други групи исто така изразија загриженост за пресудата. Унгарија е главно католичка земја и има долгогодишно протестантско движење. Други помали групи исто беа цел на напади од десничарски групи.

Главниот организатор на Неделата на светските религии, Тамаш Барабаш, ги повика политичките групи да не ја саботираат новопронајдената унгарска верска слобода.

Господинот Барабаш додава дека инцидентите на анти-верско насилство покажуваат оти унгарското посткомунистичко општество се уште треба да учи за толеранцијата. Настаните како Неделата на светски религии и фактот што Унгарија ќе се приклучи на ЕУ следната година, вели тој, само го зголемува притисокот за поголемо почитување на правата на граѓаните, особено на нивното право на веросповед.

XS
SM
MD
LG