Линкови за пристапност

Американскиот претседател во посета на Британија  - 2003-11-19


Во говорот пренесуван на британската телевизија, американскиот претседател рече дека понекогаш е неопходно да се употреби сила за да се заштитат мирот и безбедноста. Тој истакна дека воената сила во случајот со Ирак била краен избор, откако дипломатските напори и другите методи за ставње крај на кризата, завршиле неуспешно. Претседателот Буш рече дека верува во вредноста на меѓународните институции, како што се ОН. САД и Британија, подвлече тој, напорно работеа Светската организација да биде она што треба да биде – ефикасен инструмент на колективната безбедност. Г-динот Буш во овој процес ја истакна и улогата на НАТО.

„Веќе 54 години, Америка стоеше рамо до рамо со нашите партнери во НАТО, најефикасната мултилатерална институција во историјата. Ние сме определени за оваа голема демократска Алијанса и веруваме дека има волја и капацитет таа да биде активна и надвор од Европа, онаму каде што ќе се појават закани по безбедноста. Мојата земја го поздравува растечкото единство на Европа, а на светот му е потребно Америка и ЕУ да соработуваат за остварување на заедничката цел – напредок на безбедноста и правдата.“, кажа претседателот Буш.

Според претседателот Буш, мирот и безбедноста во светот се потпираат на три столба: меѓународната соработка, војната како последно средство, и промоција на демократијата. Тој истакна дека врз овие три столба Атланската алијанса ќе изгради мир и безбедност во сите слободни нации во случај на опасност.

Претседателот на САД кажа дека е свесен оти во Британија и ширум Европа има и такви кои не се согласуваат со неговите ставови. Тој рече дека земјите кои минале низ светските војни и кои биле сведоци на бруталноста на лидерите како што беше поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ, треба да ја разберат потребата да и се спротистават на тиранијата.

Г-динот Буш истакна дека и најгласните противници на американската политика во Ирак имаат право да го изразат своето незадоволство.

„Овде сум само кратко време, но забележав дека во Лондон, како и порано, владее традицијата на слобода на изразување, искажувана со ентузијазам. И кај нас го има тоа. Ова во моментов го има и во Багдад.“, рече американскито претседател.

За време на обраќањето на претседателот, на лондонските улици се оддржуваа анти-воени протести, а нивните организатори велат дека очекуваат за време на утрешната средба меѓу господинот Буш и британскиот премиер Тони Блер да се соберат околу 100.000 демонстранти.

XS
SM
MD
LG