Ирак
Американските борбени авиони нападнаа неколку локации во близина на градот Бакуба на северот на Ирак, за кои се смета дека биле користени од герилците. Ова е најголемиот воздушен напад од завршувањето на поголемите борбени дејства. Денешниот напад со 225 килограмски бомби е најнов чекор во новата офанзива на коалиционите сили против бунтовниците во областа. Вчера во два одделни напади во северен Ирак загинале двајца американски војници. Во меѓувреме, американскиот државен секретар Колин Пауел во написот објавен денеска во францускиот весник Ле Монд вели дека САД остануваат во Ирак и покрај политичките и воените предизвици.
Пауел во Брисел
Американскиот државен секретар Колин Пауел вели дека Вашингтон има одредени резерви во врска со нацрт-резолуцијата на Меѓународната агенција за атомска енергија за иранската нуклеарна програма. Секретарот Пауел на новинарите во Брисел им изјави дека текстот на резолуцијата што го подготвија Британија, Франција и Германија не се однесува на неисполнувањето на обврските од договорите од страна на Техеран. Меѓутоа, господинот Пауел рече дека Иран изгледа оти постигнува некаков напредок во однос на меѓународните барања за неговата нуклеарна програма. Тој ова го изјави во Брисел по средбата со министрите за надворешни работи на ЕУ. На состанокот се очекуваше Г-динот Пауел да побара поддршка за резолуција на ОН со која на Иран му се закануваат санкции доколку не може да докаже оти не се обидува да развие нуклеарно оружје. Бордот на Агенцијата во четврток ќе се состане во Виена за да разговара за Иран.
Турција - истрага
Турскиот министер за надворешни работи Абдула Ѓул денеска изјави дека е можно полицијата да пронашла врска меѓу саботните напади врз двете синагоги во Истанбул и терористичката мрежа Ал Каида. Г-динот Ѓул не даде други детали за наводната врска, но рече дека властите вршат испитување на ДНК на телата на двајцата осомничени бомбаши самоубијци за да ја потврдат поврзаноста. Локалните медиуми објавуваат имиња и фотографии на четворица Турци осомничени за планирање и извршување на нападите во кои загинаа најмалку 25 лица. Во извештаите се вели дека овие лица биле членови на локалните исламски милитантни групи, и најмалку тројца од нив биле на обука во Пакистан.
Израел - Палестинци
Двајца израелски војници денеска загинале во напад од палестинско вооружено лице на периферијата на Ерусалим. Тие биле застрелани на израелски контролен пункт во близина на палестинското село Ел Кадер. Напаѓачот избегал, а израелската војска воведе полициски час во селото. Вчера, премиерот Ариел Шарон изјави дека очекува наскоро да се сретне со неговиот палестински колега Ахмед Куреја. Тоа ќе биде прв ваков состанок откако г-динот Куреја ја презеде премиерската функција, пред повеќе од еден месец.
Италија - погреб
Десетици илјади Италијанци им оддадоа последна почит на 19-те нивни сонародници кои загинаа во самоубиствениот бомбашки напад во Ирак минатата недела. Владините претставници им се придружија на илјадниците собрани пред Базиликата Свети Петар во Рим. Претходно, жителите на Рим излегоа на улиците и со развеани знамиња им одаваа почит на загинатите додека нивните тела биле пренесувани со воени возила до базиликата во центарот на градот. 19 Италијанци, припадници на посебните полициски сили, војската и двајца цивили беа убиени заедно со уште неколкумина Ирачани во нападот со камион бомба на 12 ноември во градот Насирија на југот на Ирак. Се смета дека ова е прв поединечен напад во кој загинале толку многу италијански војници од Втората светска војна наваму.
Северна Кореја
Американскиот помошник државен секретар Џејмс Кели пристигна во Пекинг, што е втора станица од неговата турнеја низ три држави чија цел е организирање на дополнителни повеќестрани разговори за програмата за нуклеарно оружје на Северна Кореја. Претходно денеска, г-динот Кели престојуваше во Токио, каде заедно со јапонските претставници е постигната согласност за продолжување на дијалогот за да се изврши притисок врз Северна Кореја да се откаже од нуклеарните амбиции. Северна Кореја минатиот месец принципиелно се согласи за учество на втора рунда разговори по ова прашање. Разговорите во кои се вклучени обете Кореи, САД, Кина, Јапонија и Русија се очекува да се одржат следниот месец во Пекинг. Г-динот Кели денеска ќе престојува во Кина, а утре ќе замине за Јужна Кореја.
Авганистан – ОН
Агенцијата на ОН за бегалци започна со повлекување на својот персонал од источен и јужен Авганистан по неодамнешното убиство на еден француски хуманитарен работник во провинцијата Газни. Претставници на УНХЦР изјавија дека 30 членови на персоналот ќе бидат повлечени. Агенцијата привремено ја стопира и доброволната репатријација на авганистанските бегалци собрани во кампови во соседен Пакистан. Властите велат дека овој чекор повторно ќе се разгледа за две недели до кога ќе се утврди дали се стабилизирала безбедносната ситуација во Авганистан. Овој чекор уследи по убиството на 29-годишниот хуманитарен работник во неделата додека се наоѓал во јасно означено возило на ОН во градот Газни. Две лица се притворени и властитие велат дека осомничените можно е да се припадници на Талебан.