Линкови за пристапност

Новите граници на Европската Унија - 2003-11-18


Европското заедништво можеби се уште е повеќе концепт на надеж отколку реалност. Но слободата да се шета по континентот се смета за најважната промена во европскиот начин на живот во последните 50 години. Можноста за слободно патување најмногу го разликуваат животот на младите Европјани од нивните родители.

Најголем дел од жителите во ЕУ сега можат да патуваат од земја во земја, дури и без да мораат да минуваат низ пасошка и царинска контрола. А оваа привилегија наскоро ќе се прошири и на новите членки на Унијата.

Аналитичарот Хедер Граб, од лондонскиот центар за Европски реформи, вели дека повеќето граѓани од централно и источноевропските земји што ќе и се придружат на ЕУ идната година, веќе можат да патуваат низ Унијата без виза.

“Она што се уште не е отстрането се граничните премини меѓу новите и старите членки. Затоа, во основа, мора да понесете пасош и да чекате во редица да ви го прегледаат и пасошот и автомобилот пред да ви биде дозволено да преминете, на пример од Словачка во Австрија, или од Словенија во Италија, или од Чешката Република во Полска и обратно, каде што може да патувате од Германија во Франција и од Италија во Австрија, без да минувате низ контроли“, вели таа.

Госпоѓа Грејб вели дека жителите на новите членки на ЕУ нема да може да патуваат слободно без пасоши како нивните западни колеги, најмалку до 2006 година. Причината за тоа е што нивните држави допрва треба да ги исполнат критериумите на ЕУ за гранична контрола.

Но проширувањето на ЕУ веќе значи, а така и ќе продолжи, проширување на стабилноста и економскиот развој кај новите членки.

Професорот Џером Шеридан, кој раководи со Центарот на Американскиот универзитет во Брисел, вели дека проширувањето на ЕУ на исток претставува поттик за земјите кои се наоѓаат подалеку на исток или на југ да извршат внатрешни реформи кои им се потребни за да можат евентуално да и се придружат на унијата.

“Она што се случува со проширувањето на ЕУ е што другите земји тоа го гледаат и сакаат да станат дел од тоа. Најдобар пример за кој можам да се сетам, е она што се случува во моментов во Хрватска и Србија...Тие избраа да се вратат на старите начини на решавање на конфликтите во Европа, а тоа е низ војна, додека сите други го избраа патот за влез во ЕУ и стануваат нормални западни европски демократски држави. Хрватите и Србите тоа го согледаа и сега очајнички се обидуваат тоа да го достигнат, а исто така и да станат дел од друштвото“, смета господинот Шеридан.

Додека границите на ЕУ се прошируваат на исток, некои држави добиваат, а некои губат.

Полска стори најмногу за да допре до својот источен сосед Украина и се залагаше вратата за членство во ЕУ да остане отворена додека Украина не е подготвена да се придружи.

Но Полска, како нова членка на ЕУ, минатиот месец беше обврзана да воведе визи за граѓаните на Украина, кои имаа најлесен пристап до својот просперитетен сосед по распаѓањето на Советскиот сојуз. Како што истакнува аналитичарот Хедер Граб, тоа ќе има директно влијание на контактите меѓу луѓето од двете страни на границата.

“Многу луѓе преку новата граница на ЕУ зависат, тргуваат или работат во новите држави членки. Животите на неколку милиони луѓе во западна Украина зависат од тоа. А сега се отсечени“, вели госпоѓа Грејб.

Влегувањето на Полска во ЕУ значи дека оваа и другите нови членки ќе мора да преземат одговорност за запечатување на се уште порозната граница на Унијата за шверцерите на оружје, дрога и бело робје. Властите во Словачка и Словенија велат дека во нивните земји се зголемил приливот на азиски илегални емигранти, додека се приближува датумот за нивното влегување во ЕУ. Многу од овие имигранти се надеваат дека така ќе стигнат во понапредните западноевропски држави.

ЕУ и земјите поединечно како Германија, обебзбедуваат пари, опрема и техничка помош за подобрување на граничната контрола на новите членки. Од Полска која има најдолга граница на исток, се бара да има граничен премин на секои 25 километри или вкупно 232.

Претставниците на ЕУ велат дека не станува збор за формирање на нов Берлински ѕид или на израелски Западен брег на источната граница на Унијата. Метју Кирк, британски амбасадор во Финска, вели дека границата треба да биде безбедна, но и пристапна.

“Предизвикот за границите постојано се менува и криминалците, терористите, шверцерите со оружје и со луѓе, постојано наоѓаат нови начини за премин. Вистинската тешкотија на границите е да се спречи случување на лоши работи, додека истовремено, да се овозможи на стоки и на луѓето да ја преминат границата, и тоа брзо и лесно“, вели господинот Кирк.

Европската Комисија предлага формирање на Агенција за гранична контрола за да се координираат 25-те држави колку што наскоро ќе брои Унијата. Но владите на земјите се претпазливи и не се откажуваат лесно од својата имиграциона политика, зашто во многу земји тоа е жешка тема.

XS
SM
MD
LG