Линкови за пристапност

Како Ирачаните ги доживуваат окупационите сили - 2003-11-18


Истражувачите на новоформираниот ирачки Центар за истражувања и стратегиски студии во Багдад изведе повеќе од 1600 интервјуа лице-в-лице во седум градови, на крајот на септември и почетокот на октомври.

Основачот на Центарот, Садоун Ал-Дуламе, е универзитетски професор од Ирак кој минал години во егзил за време на режимот на Садам Хусеин.

Тој вели дека новото истражување покажува понегативо ирачко реагирање кон коалиционите сили отколку во првото истражување спроведено еден месец откако американските сили го зазеле Багдад, во април.

“Кога американските трупи за прв пат пристигнаа во Ирак, најголем дел од Ирачаните ги сметаа за ослободителни сили. Но по шест месеци најголем дел од ирачкиот народ на нив гледа како на окупациони сили„, вели господинот Дуламе.

Истражувањето на господинот Дуламе доаѓа до истиот заклучок до кој дојде разузнавачкиот оддел на Стејт Департмент минатиот месец по сопствено истражување. Тоа истражување наводно било дел од неодамнешниот извештај на ЦИА во кој се сугерира дека Ирачаните ја губат вербата во напорите предводени од САД за обнова на земјата.

Професорот на багдадскиот Универзитет за политички науки Абдул Џабар Ахмед Абдула вели дека верува оти зад настанатата промена од изминатите шест месеци е засилената перцепција кај Ирачаните дека коалиционите сили, а особено американските војници, не ја разбираат ниту почитуваат ирачката култура.

“Тоа е традиционална култура. Многу е важно американската влада тоа да го земе предвид. Американската влада на Ирак гледа од своја перспектива наместо од ирачка“, вели господинот Абдула.

Господинот Абдула вели дека иако тактиката на американскиата армија за упади во приватни куќи може да помогне до пронаоѓање на бунтовници и оружје, тоа создава отпор кај многу Ирачани.

Друг фактор кој повел во таа насока може да биде широко распространетото мислење дека американските трупи на ирачкиот народ гледаат со сомнеж и непријателство.

На ирачките улици многу брзо се пренесуваат и најбезначајни приказни за лошо постапување на Американците.

Освен тоа, како што вели господинот Садоун Ал-Дуламе, коалицијата тешко ги освојува срцата на Ирачаните и поради фактот што од Американците се очекувале поголеми економски придобивки отколку што навистина добиваат.

“Ирачкиот народ вели дека не верува оти голема сила како Америка не може да ги поправи системите за електична енергија и вода три или четири месеци. Тоа го велат. Доколку САД помогнат во решавање на овие дневни животни проблеми, тие ќе бидат прифатени“, смета господинот Дуламе.

Професорот Абдула се согласува со ова. Тој вели дека и меѓу оние Ирачани кои најмногу се жалат на пропустите на Американците, сепак има чувство на задоволство што некои работи во Ирак се промениле на подобро. На пример, коалиционите сили помогнале да се обноват основните услужни дејности, училиштата и болниците. Создадени се форуми каде обичните луѓе можат да го искажат мислењето и да учествуваат во политички процеси.

Сепак, многумина Ирачани стануваат уморни од насилството во земјата. Според господинот Абдула, граѓаните веруваат дека ситуацијата ќе се влоши со останување на американските трупи во земјата.

На прашањето дали патролирањето на коалиционите сили во нивните населби им создава посилно чувство на безбедност, само три проценти одговориле позитивно.

XS
SM
MD
LG