Лондонската полиција ја спроведува најголемата безбедносна операција досега за утрешната посета на претседателот Буш.
Околу 14 илјади полицајци ќе бидат на должност во текот на четиридневната посета на претседателот на Велика Британија. Господинот Буш ќе го чуваат и неколку стотици агенти на тајната служба.
Но еден демонстрант против Буш успеа да го измами полицискиот кордон и да се искачи на портата пред Бакингемската палата, каде што ќе престојува господинот Буш како официјален гостин на кралицата Елизабета. Демонстрантот закачил наопаку американско знаме на позлатената порта.
Полицијата проценува дека безбедносната операција ќе чини околу девет милиони долари. Шефот на градската полиција Џон Стивенс кажа дека нивото на безбедност ќе биде “без преседан“.
Истовремено со посетата на Буш, Британија го подигна нивото на тревога од терористички напади заради извештаите дека властите се загрижени оти е можен напад на терористичката мрежа ал-Каида.
Друг предизвик за полицијата ќе бидат големите улични демонстрации против Буш. Полицијата планира да ги ограничи рутите на протестите, за да се држат на страна демонстрантите од американскиот претседател.
Пред посетата на Буш, британскиот премиер Тони Блер пред група бизнисмени изјави дека стои зад одлуката да го покани претседателот во Британија.
„Ова е вистински момент за нас цврсто да застанеме зад САД во уништувањето на тероризмот каде и да е и за обебзедување од она што сметам дека во основа е закана за безбедноста во почетокот на 21-от век. Сега не е време за откажување, сега е време тоа да се согледа“, рече тој.
Додека зборуваше премиерот, коалицијата Стоп за војната со седиште во Лондон, достави петиции до неговиот кабинет потпишани од околу 100 илјади луѓе, како што велат активистите, а во кои се бара господинот Блер да ја повлече поканата.
Лидерот на оваа коалиција, Линдзи Џерман кажа дека десетици илјади демонстранти планираат да протестираат против господата Блер и Буш.
„Мислам дека е повеќе нереално да се покани најнепопуларниот светски лидер на крајот на најнепопуларната војна во последните децении. И сметам дека ако Тони Блер има некакво чусвтво, ако не сака да има политичка криза и ако сака во Лондон да нема нереди, најлесната работа што може да ја стори е да ја откаже посетата. Ако не го стори тоа ќе има многу големи демонстрации“, вели Џерман.
Најголемиот протест е предвиден во четврток на Трафалгар сквер во Лондон, кога демонстрантите планираат да соборат скулптура на претседателот Буш како симболична имитација на соборувањето на статуата на Садам Хусеин во Багдад во април.
Претседателот Буш кажа дека протестите не го вознемируваат и дека со нетрпение очекува да ја посети државата каде што луѓето имаат толку многу слобода.