Линкови за пристапност

Независни аналитичари заклучуваат дека додека раководството на Ал-Каида е растурено, другите исламски терористички мрежи стануваат поактивни - 2003-11-11


Овие заклучоци се содржани во извештајот што го објави Групата за контрола на ризици со седиште во Лондон, која ги советува мулти-националните компании за политичките и безбедносните ризици во целиот свет.

Според извештајот, трите најризични земји во светот за инвеститорите се африкански: Бурунди, Либерија и Сомалија. Исто така се наведува дека Брегот на слоновата коска се придвижува, цитираме, „опасно кон раб на анархија“.

Неколку од средно-ризичните земји што се наведени во извештајот се наоѓаат во регионот на Персискиот Залив. Меѓу нив се Бахраин, Кувајт, Оман, Катар и Саудиска Арабијха. Во извештајот се заклучува дека Блискиот Исток сега е подложен на терористички напади како и Југоисочна Азија и Источна Африка.

Констатирано е дека додека раководството на ал-Каида е растурено и ослабено по американската инвазија на Авганистан во 2001 година, некои регионални терористички мрежи и натаму се многу активни и за разлика од порано, потешко е да им се влезе во трага.

Во извештајот се вели дека големите градови во Европа се чувствителни на терористички напади. Притоа се споменува дека двајца британски исламски екстремисти извршиле самоубиствена бомбашка мисија во Израел во март, а британската полиција во јули заклучила дека во Британија е можно да се случи самоубиствен бомбашки напад.

Во извештајот се вели дека азиските земји идната година ќе се соочат со голем потенцијал на терористичко и политичко насилство.

Притоа се наведува дека во Индија и Индонезија е можна политичка нестабилност за време на изборите во 2004 година. Во прилог на оваа констатација се вели дека индиската владејачка партија Баратја Џаната може да одлучи дека може да профитира пред изборите од насилствата меѓу Индусите и Муслиманите. А во Индонезија политичките тензии би можеле да се зголемат доколку ниту еден претседателски кандидат не освои убедливо мнозинство гласови на изборите во јули, по што би морало да се одржат повторни избори.

Или како што пишува во извештајот, „Азија во 2002 нема да биде дестинација на инвеститорите со слабо срце“.

XS
SM
MD
LG