Генерал-потполковник Санчез изјави дека американската војска е фокусирана на откривање дали во американски притвор има членови на терористичката организација на Осама бин Ладен. Генералот додава дека поседува малку докази за нивна поврзаност со Ал Каида.
„Вкупниот број на притворени во нашите истражни затвори е над 5.000. Ние продолжуваме да работиме на идентификација на конкретни цврсти врски со Ал Каида. Во еден момент имавме околу 20 осомничени членови на Ал каида. Но со текот на истрагата и испрашувањето на осомничените, ние не бевме во можност дефинитивно да заклучиме дека се членови на Ал Каида“, вели Санчез.
Тој ја повтори загриженоста на коалицијата во врска со странските исламски милитантни борци кои навлегуват во Ирак од соседните Сирија и Иран за да водат света војна против коалиционите сили. Тој вели дека претставници на ирачката имиграциона служба сега ги набљудуваат границите многу повнимателно, со цел да се идентификуваат оние што сакаат да влезат во Ирак со лажни документи.
Главниот американски администратор во Ирак, Пол Бремер постојано изјавува дека во бунтот се вклучени стотици борци, кои изминативе недели убиле околу 40 американски војници.
Од 1-ви ноември, бунтовниците соборија два воени хеликоптера, поставија заседи на неколку конвои и извршија четири артилериски напади врз седиштето на коалицијата во Багдад.
Генерал Санчез објави дека герилските напади врз коалиционите сили стануваат посилни и пософистицирани. Но, тој вели дека од воена гледна точка, бунтовниците не можат да победат.
„И натаму се соочуваме со лојалисти на поранепниот режим, со криминалци и странски терористи кои се обидуваат да ја изолираат коалицијата од ирачкиот народ и да ја скршат војата на коалицијата и меѓународната заедница. Но нема да успеат“, истакнува Санчез.
Во меѓувреме, во насилствата загинаа уште најмалку четворица Ирачани во Басра на југот на Ирак. Во експлозија на бомба поставена покрај пат разнесен е еден минибус во центарот на градот во близина на еден полициски пункт во овој главно шиитски муслимански град. Британските војници, одговорни за безбедноста во оваа област велат дека се уште не го знаат мотивот за нападот.
Во споредба со останатите области, во јужниот дел на Ирак помал е бројот на нападите врз коалиционите сили. Но британските претставници велат дека нападите насочени кон нивните трупи изминативе недели стануваат се почести во Басра.