Линкови за пристапност

Најнови вести 10 ноември 2003 - 2003-11-10


Саудиска Арабија-реакции

Американски и саудиски претставници сметаат дека зад самоубиствениот напад со автомобил бомба во станбениот комплекс во Ријад стои Ал Каида.

Во нападот што се случи во саботата навечер, загинаа 17 лица, а над 120 се повредени. Американскиот азамник-државен секретар Ричард Армитаж вели дека нападот ги има одбележјата на нападите на ал Каида. Г-динот Армитаж, кој во неделата престојуваше во саудискиот главен град на средба со крунисаниот принц Абдула, изрази уверување дека терористичката група сака да се случуваат уште вакви инциденти. Саудискиот министер за внатрешни работи Принцот Најеф вети откривање на одговорните за нападот, за кој се чини дека е дело на Ал Каида.

Ирак-Бремер

Главниот американски администратор во Ирак Пол Бремер вели дека неколку стотици странски милитанти влегле во земјата и планираат нови напади врз коалицоните сили.

Во интервју за Лондон Тајмс, г-динот Бремер изразува увереност дека милитанти од Судан, Сирија, Јемен и Саудиска Арабија сега се наоѓаат во Ирак. Во меѓувреме, претставници на коалицијата соопштија дека еден припадник на американската воена полиција доцна синоќа бил убиен во напад со граната јужно од Багдад. Исто така, американските сили го убиле раководителот на локалниот совет назначен од САД во шиитската населба Садр Сити во Багдад. Очевидци велат дека тој бил убиен во пресметка со американските чувари кои му забраниле да влезе во зградата.

Авганистан-нова воена операција

Силите под американско раководство започнаа нова воена операција против милитантите во североисточен Авганистан.

Портпаролот на американските сили денеска изјави дека операцијата започнала во петокот во провинциите Нуристан и Кунар, на околу 200 километри североисточно од Кабул. Тој рече дека во операцијата наречена Планинска одлучност се вклучени авганистански трупи со американска воздушна поддршка. Целта, според портпаролот е да се уништат анти-коалиционите сили и да не им се дозволи запоседнување на регионот. Остатоци од соборениот талебански режим и неговите сојузници од Ал Каида се уште се борат против централната авганистанска влада.

Иран-суспендирање на збогатувањето на ураниум

Највисокиот ирански претставник за национална безбедност соопшти дека Техеран од денеска ја суспендира програмата за збогатување ураниум и ќе дозволи ненајавени инспекции на своите нуклеарни објекти.

Генералниот секретар на иранскиот Врховен Совет за национална безбедност, Хасан Ровани ова го изјави денеска во Москва, каде се среќава со рускиот претседател Владимир Путин и со други руски претставници во врска со нуклеларната соработка меѓу двете земји. Според официјални претставници, разговорите би можеле да го отворат патот за Русија да продолжи со работата на нуклеарната станица во Иран, која беше запрена околу прашањето дали употребеното нуклеарно гориво треба да се врати во Русија. Раководителот на Меѓународната агенција за атомска енергија неделава пред бордот ќе поднесе извештај за Иран и за обвинувањата дека се обидува да развие нуклеарно оружје.

Шри Ланка-криза

Преоворите меѓу Владата на Шри Ланка и Тамилските бунтовници се одложени на неодредено време, додека земјата и натаму се наоѓа во политичка криза.

Главниот владин мировен преговарач изјави дека нема да биде во можност да ги продолжи разговорите додека претседателот Чандрика Кумаратунга ги контролира министерствата за одбрана, за внатрешни работи и информации. Претседателот ја презеде контролата врз овие министерства минатата недела и го суспендира парламентот, започнувајќи битка за превласт со премиерот Ранил Викремесинге. Г-ѓа Кумаратунга го обвинува г-динот Викремесинге дека им дал преголеми отстапки на Тамилските бунтовници. Премиерот ја обвинува претседателката за саботажа на мировниот процес.

Јапонија-избори

Јапонскиот премиер Јунихиро Коизуми вели дека ќе продолжи со притисокот за економски реформи и покрај добрите резултати што ги постигна опозицијата на вчерашните избори.

Не денешната прес-конференција г-динот Коизуми рече дека сака да види големи реформи, чија цел е оживување на јапонската економија и намалување на долговите. Економските прашања беа централна тема во предизборната кампања. Гласачите одлучија трипартитната коалиција на г-динот Коизуми да остане на власт, но со намалено мнозинство во моќниот Долен дом на Парламентот. Главната опозициона Демократска партија во неделата освои 177 места во Парламентот, или за 40 места повеќе од претходно.

СТО-САД царини

Светската трговска организација донесе конечна одлука дека американските царини за увоз на челик претставуваат прекршување на правилата на меѓународната трговија.

Денешната одлука се однесува на американските царини во висина до 30 проценти врз одредени видови увозен челик. ЕУ се закани дека ќе воведе реципрочни сакции од стотици милиони долари за увоз на американски производи, доколку Вашингтон не ги укине спорните царини. Администрацијата на Буш се брани дека царините се оправдани за заштита на домашните производи од челик во време на реконструкција.

XS
SM
MD
LG