Линкови за пристапност

Марк Гросман на турнеја низ Балканот - 2003-11-06


Марк Гросман, веќе неколку дена се наоѓа на патување низ Балканот. Тој денеска се сретна со македонското раководство на разговори за интеграцијата на земјата во евро-атлантската структура. Сепак, како што вели висок претставник на одделот за надворешни односи во американската администрација, целта е повторување и нагласување на американските цели во регионот.

Марк Гросман е трет по ранг во Стејт Департмент и неговото патување низ Балканот е силен сигнал за заинтересираноста на САД за регионот. Некои фокусирањето на Балканот во ова време го гледаат како „стратегија за излез“ меѓутоа висок претставник на Стејт Департментот вели дека се работи за сосема спротивното. Имено, како што рече тој, со ова патување се сака да се внесе енергија во процесот на интеграција на Балканот во евро-атлантските институции и да им се помогне на владите кон остварување на таа заедничка цел. Проблемот не е во постоењето волја, вели тој, туку во дефинирањето на конкретни чекори што треба да го материјализираат апстрактниот термин на демократизација.

Голема нагласка на патувањето на господинот Гросман во Белград, Приштина, Скопје, Тирана и Сараево, има Косово и процесот на решавање на неговиот статус. Сепак, предупредува овој официјален претставник, не станува збор за отстапување на усвоената политика на ОН за „стандарди пред статус“. Имено, пред да се дојде до решение на статусот на Косово, ќе биде императив да се исполнат неколку стандарди кои се витални за донесување таква одлука.

Господинот Гросман во регионот престојува по претходни консултации со ЕУ и со мисијата на НАТО во Брисел, така што овој потег е координиран со нив и не се настапува унилатералистички.

Интересот на САД во регионот е неговата стабилност, инсистира високиот претставник, а постоењето на јасна мапа на тој процес може само да помогне.

Не зборуваме за напуштање на Балканот, зборуваме за донесување на Балканот назад во Европа, кажа тој инсистирајќи дека идентификувањето на мерки што треба да се преземат и ревидирање на постигнатото во редовни интервали создава претпоставка за успех.

Сепак, како временска одредница за преиспитување на успехот или неуспехот во таа насока се дава средината на 2005 година, кога САД очигледно очекуваат појасна слика, и тогаш ќе се дадат и конкретни препораки до Советот за безбедност. Како што е замислено, ова патување само по себе ќе донесе резултат со, како што веруваат во Стејт Департмент, актуелна проценка и покажување на транспарентност на намерите на меѓународната заедница.

XS
SM
MD
LG