Американски федерален судија ја блокираше имплементацијата на законот со кој се забранува еден посебен тип на абортус во поодмината бременост. Судската одлука била предадена за помалку од еден час откако претседателот Буш го потпишал законот.
Церемонијата на потпишувањето беше прослава на победата на активистите против абортус, кои се радуваа кога претседателот го стави својот потпис.
Со новиот закон се забранува процедурата што се нарекува абортус со делумно раѓање. Претседателот Буш тоа го нарече акт на насилство против децата кои наскоро требало да се родат.
„Денеска, конечно, американскиот народ и нашата влада се спротивставија на тоа насилство и застанаа во одбрана на недолжните деца“, рече американскиот претседател.
Но по еден час, федералниот судија во државата Небраска објави наредба со која се блокира забраната и се отвора можноста за долга судска битка за уставноста. Во изјавата до поддржувачите на законот, претседателот не остави простор за сомневање дека е подготвен да се бори.
„Извршната власт жестоко ќе го брани овој закон од секој што ќе се обиде да го оспори на суд“, потенцира г-динот Буш.
Оваа забрана беше приоритет на Републиканците кога ја презедоа контролата во Претставничкиот дом во 1995 година. На неколку верзии на законот претседателот Бил Клинтон, кој го поддржува правото на абортус, стави вето.
Со Законот што го потпиша претседателот Буш на лекарите им се забранува да извршуваат “отворен акт“ со кој се убива делумно роден фетус. Единствен исклучок е во случај кога треба да се спаси животот на мајката.
Претседателот кажа дека овој закон го одразува сочуството и хуманоста на Америка.
„Со спречување на оваа пракса, избраните делови на нашата влада ги афирмираат основните стандарди на хуманоста: должноста на силните да ги заштитат слабите“, додаде тој.
Но судијата во Небраска кажа дека за него забраната е проблематична затоа што се дозволува процедурата доколку е неопходно да се заштити здравјето на мајката. Судијата Роберт Копф кажа дека законот изгледа нејасен, и со негови зборови “многу сомнителен“.
Со ова се согласуваат групите за заштита на правото на абортус кои стравуваат дека законот може да претставува прв чекор во новата кампања за забрана на сите абортуси во САД.
Врховниот суд го потврди правото на абортус во 1973 година.