Линкови за пристапност

САД ги нормализираат трговските односи со Србија и Црна Гора - 2003-11-04


САД презедоа уште еден чекор за обнова на целосните односи со Србија и Црна Гора, по повеќегодишниот застој за време на владеењето на Слободан Милошевиќ со поранешна Југославија. Државниот секретар Колин Пауел потврдил дека Србија и Црна Гора ги исполнила условите поставени од Конгресот за нормализирање на трговски односи по еднодецениските казни како резултат на балканските војни.

Трговските односи беа прекинати во 1992 година како одговор на поддршката што режимот на Милошевиќ ја даваше на етничкото чистење и другите прекршувања на човековите права во Босна од страна на југословенските сили и силите на Босанските Срби. Но портпаролот на Стејт Департментот Адам Ерели рече дека нештата фундаментално се промениле по падот на г-динот Милошевиќ пред три години.

„Србија и Црна Гора усвои политика на соработка и партнерство со соседите и меѓународната заедница, и за почеток на имплементација на заострени мерки за економска реформа по еднодецениските санкции. Во таа смисла, нормализацијата на трговските односи ја потенцира нашата поддршка за овие реформи и ќе помогне за поттикнување на економскиот растеж“, додаде тој.

Овој чекор на Србија и Црна Гора и овозможува ист царински статус како и на другите големи американски трговски партнери.

XS
SM
MD
LG