“Замислете колку беше тешко во ерата на Талебан кога не можевме дури ниту да се образуваме. Жените не можеа да бидат образовани“, вели Фатима Гаилани, која е една од седумте жени во Комисијата која го подготвува новиот устав на Авганистан. Таа исто така се појавува во документарецот со наслов “Мир по мир: Жените во првите редови“.
Во филмот госпоѓа Галиани посетува училиште каде што авганистанските девојчиња повторно учат.
Госпоѓа Гаилани вели дека образованието на жените е клуч за иднината на мирен Авганистан.
“Нема да верувате дека работите што за нас се нормални, за нив се како сон. За мало девојче само за да се подготви да оди на училиште е како да оди на забава, на роденденска забава. Тие не ги сакаат петоците затоа што мораат да останат дома. Тоа е жед за учење и живот како остатокот од светот“, вели госпоѓа Галиани.
Филмот ги следи жените кои работат или на изградбата или помагајќи им на оние кои немаат толку среќа во пет држави - Авганистан, Бурунди, Босна и Херцеговина, Аргентина и САД. Тој првпат е прикажан три години откако ОН едногласно ја усвои Резолуцијата 1325, со која се истакнува потребата за собирање информации за влијанието што војната го има врз жените и девојчињата.
Генералниот секретар Кофи Анан го претстави филмот и кажа дека жените често се лидери кога станува збор за мировништвото.
“Од силувања и раселување до одземање на правото на храна и здравствена заштита, жените повеќе страдаат. Но жените кои ја знаат цената на конфликтот исто така често се подобро опремени од мажите за да го спречат или да го решат“, смета господинот Анан.
Патриша Смит-Мелтон раководела со работата на документарецот. Таа вели дека сакала да ги покаже жените приземјени.
“Жените се оние кои во суштина се ткајачки на културите откако биле повредени и десеткувани со насилство, а документарецот ги прикажува овие жени како ги обновуваат културите. Не мора да има војна или геноцид, туку по се што го урива општеството и го растура, жените се тие што ги собираат парчињата“, вели госпоѓа Смит-Мелтон.
Низ филмот жените се прикажани како си помагаат една на друга за да одат натаму по конфликтот. Вдовиците во Бурунди од група за поддршка откако нивните мажи биле убиени во Хуту геноцидот врз стотици илјади Тутси. Новинарките даваат објективни радио извештаи кои ги заменуваат претходните контролирани од владата, а кои често биле расистички.
Актерката Џесика Ланг го говори текстот во филмот. Таа неодамна патуваше во Демократската Република Конго, каде што вели дека била вчудоневидена кога го слушнала универзалниот повик за мир од млади луѓе кои биле деца -војници и од жените кои страдале во војната.
“Истото беше со жените, девојките и жените со кои разговарав, а кои биле жртви на ужасно сексуално насилство, на сексуално ропство, осакатувања. Повторно, секогаш кога ќе прашате што би можело сега да се стори за да биде животот подобар, секој пат, секоја од овие жени, секоја од овие девојки велеше, “Прво мора да имаме мир. Без мир нема ништо““, раскажува актерката Џесика Ланг.
Филмот беше прикажан заедно со отворањето на нов веб- портал, за кој УНИФЕМ вели дека содржи информации за ситуацијата со жените во 27 држави кои или се во конфликт или се опоравуваат од конфликт.