Додека продолжува истрагата за вчерашното уривање на американскиот воен хеликоптер Чинук, се смета дека хеликоптерот бил погоден од проектил земја-воздух. Сведоци изјавија дека виделе трага од проектил неколку моменти пред да падне хеликоптерот.
Потрагата по оружје во Ирак, вклучувајќи и проектили земја-воздух е интензивна. Американски воени претставници во Багдад велат дека преостанатиот арсенал на соборениот режим е поголем отколку што првично се верувало. И тие додаваат дека не можеле да лоцираат голем дел од рачните противавионски проектили.
Американскиот администратор во Ирак, Пол Бремер во саботата изјави дека притоа не се сметаат стотици илјади тони оружје и муниција, што ги купил соборениот ирачки лидер Садам Хусеин.
“Тој не потрошил многу пари на болници или училишта, на неговиот народ. Но потрошил милијарди долари на оружје. Досега најдовме 650 илјади тони муниција во неговата земја. Веруваме дека има уште 350 илјади тони што се уште не сме ги пронашле. Оттаму, потрагата и контролата на оружјето е огромна работа“, изјави Бремер.
Во обид да се пронајдат рачни противавионски проектили, американската армија нуди по 500 долари за секој проектил што ќе биде предаден. Воени претставници во Багдад велат дека досега се исплатени над 100 илјади долари за вратено оружје, меѓу кои имало и над 350 рачни минофрлачи, претежно од руско производство.
Но ова оружје на црниот пазар се продава по пет илјади долари и воените претставници велат дека веруваат оти се уште не се знае каде се стотици други парчиња.
Тие лесно се криумчарат, бидејќи тежат по околу 13 килограми и се долги помалку од два метри.
Рачните минофрлачи претставуваат голема закана за коалиционите авиони. Минатиот четврток коалиционите сили соопштија дека во изминатите неколку недели било пукано врз авиони кои слетувале на меѓународниот аеродром во Багдад, но дека ниту еден авион не бил погоден. Проектилите се главната причина зошто на аеродромот е дозволен само ограничен број на цивилни летови.
Хеликоптерот на американската армија што вчера беше погоден, патувал на меѓународниот аеродром во Багдад и летал западно од главниот град, во близина на Фалуџа.
Од први мај досега, било пукано врз уште два американски хеликоптери иако во овие напади нема жртви.
Претставници на коалицијата велат дека ќе биде преиспитан режимот на летање на воените авиони над Ирак.