Калифорнија - Пожари
Студеното и влажно време се добредојдени за пожарникарите во јужна Калифорнија кои се борат со силните пожари, во кои досега загинаа најмалку 20 лица.
Во пожарите досега изгореа околу 300.000 хектари земја од северниот дел на Лос Анѓелес па се до границата со Мексико, при што се уништени над 2.500 домови. Гувернерот на Калифорнија порано годинава побара федерална помош да се униптат сувите дрва кои сега само го разгоруваат пожарот. Неговото барање беше одбиено минатата недела, само неколку дена пред да започнат силните пожари.
САД - Ирак
Американскиот Сенат одлучи да гласа за финансирање на воените операции и реконструкција на Ирак и Авганистан, в понеделник.
Претставнички дом по оваа мерка гласаше денеска и го одобри пакетот од 87,5 милијарди долари, со 298 гласа „за“ и 121 „против“, што се толкува како победа за претседателот Буш. Со законот се предвидуваат 65 милијарди долари за воени операции во Ирак и Авганистан и преку 20 милијарди долари за помош при обнова. Во меѓувреме, сенатската Комисија за разузнавање денеска постави рок за администрацијата на претседателот Буш да ги предаде документите во рамки на истрагата на оваа Комисија за разузнавачките извештаи пред војната околу ирачкото оружје за масовно уништување.
Авганистан – Обединети Нации
Делегација составена од 15 членови на Советот за безбедност на ОН заминува за Авганистан за да ја преиспита тамошната безбедносна состојба.
Групата ќе се сретне со локалните претставници при што ќе се разговара за повоената помош на земјата. Авганистанските официјални лица се надеваат оти средбите ќе водат кон дополнителна меѓународна помош. Авганистан е и домаќин на високиот командант на НАТО, Џејмс Џонс. Неговата посета доаѓа во време кога Алијансата која раководи со меѓународните сили за безбедносна помош ги проширува своите операции и надвор од Кабул.
Ирак
Најмалку двајца ирачки цивили загинале во судирот меѓу американските војници и демонстрантите во западното преградие на Багдад.
Американската армија вели дека во престрелката биле повредени и двајца војници. Демонстрантите го изразувале своето незадоволство заради тоа што американските трупи го растуриле пазарот во преградието. Армиски портпарол изјавил оти некој фрлил граната врз војниците. Во одвоен инцидент, во бомбашки напад во близина на градот Калдија, западно од Багдад, загинал еден американски војник. Друго лице било убиено од ирачката полиција во Фалуџа, за време на судирите пред зградата на локалната управа, поддржана од САД. Американските претставници во Багдад предупредуваат на можно зголемување на анти-американските напади планирани за викендов.
Русија Јукос
Рускиот премиер Михаил Касјанов вели дека не се согласува со одлуката на обвинителите за замрзнување на речиси половина од акциите во најголемата нафтена компанија во земјата, Јукос.
Г-динот Касјанов вели дека оваа акција против компанијата ќе има непредвидливи последици. Руските обвинители вчера го замрзнаа контролниот пакет акции на Јукос, со цел да се спречи можна продажба или префрлање на акциите од страна на претседателот на компанијата Михаил Кодорковски и неговите соработници. Г-динот Кодорковски минатата недела беше уапсен во вооружена акција, под обвиненија за даночно затајување и поткуп. Вчера, рускиот претседател Владимир Путин го смени својот шеф на кабинет Александар Волошин, кој поднесе оставка во знак на протест против начинот на кој владата ја води истрагата против Јукос.
Најстариот човек
Јапонката за која се веруваше дека е најстариот жител на Земјата почина денеска на 116-годишна возраст.
Нејзиното семејство соопшти дека Камато Хонго починала по долгогодишно боледување, во една болница на јужниот јапонски остров Кјушу. Г-ѓа Хонго, која се родила во 1887 година и пораснала на една мала фарма во јужна Јапонија, беше запишана во Гинисовата книга на рекорди како најстар човек во светот. Последните години од нејзиниот живот таа беше позната по нејзината навика да спие два дена по ред и потоа два последователни дена да биде будна. Јапонската агенција Кјодо јави дека по смртта на г-ѓа Хонго, најстариот жител во земјата е 114-годишен жител на Хирошима. Јапонија е позната по најдолг животен век на нејзините жители-жените до 85, а мажите до 78 годишна возраст.
Израел - Палестинци
Израелскиот премиер Ариел Шарон вели дека е подготвен за мировни преговори со новиот палестински премиер Ахмед Куреиа.
Говорејќи вчера на Економскиот форум во Тел Авив, г-динот Шарон кажа дека во тек се разговори меѓу претставници на двете страни на пониско ниво. Но тој рече дека Палестинците побараа повеќе време за да може г-динот Куреиа да ја зацврсти својата позиција пред започнувањето на разговорите на премиерско ниво. Палестински претставници потврдија дека во тек се некои контакти на пониско ниво, но еден министер во палестинскиот кабинет негираше дека палестинската страна побарала повеќе време пред средбата на двајцата министри.