Линкови за пристапност

Џорџ Робертсон во проштална посетата на Москва - 2003-10-30


Генералниот секретар Робертсон кажа дека НАТО и Русија успеале да ги надминат меѓусебните разлики и смирено работеле да изградат позитивни односи во, како што рече тој, новата ера на 21-от век.

Г-динот Робертсон, кој заминува од функцијата кон крајот на годината, вели дека напорно работел за да создаде работен однос со Москва за време на својот четиригодишен мандат, велејќи дека ја посетувал Русија многу повеќе од другите земји од Алијансата.

Тој кажа дека НАТО и Русија соработувале во мировните мисии во поранешна Југославија како и во борбата против теророт во Авганистан.

Но, првиот човек на Алијансата призна дека имало и пречки на тој пат, кака на пример, неодамнешните забелешки на рускиот министер за одбрана Сергеј Иванов дека Москва може да ја преиспита својата нуклаерна стратегија, доколку НАТО остане воена алијанса со напаѓачка доктрина.

Русија не е среќна со пристапувањето на повеќе земји од Централна и Источна Европа на Алијансата наредниот мај, меѓу кои и балтичките земји Естонија, Латвија и Литванија.

Но, г-динот Робертсон рече дека сепак тоа не е пречка двете страни да увидат дека работењето заедно сепак им носи повеќе погодности.

„Тоа е базирано врз сопствен прагматичен интерес на секоја од страните. НАТО има проценето дека ние сме побезбедни и посилни во справувањето со денешните закани доколку ја имаме Русија цврсто на наша страна. Русија дошла до истиот заклучок“, истакна првиот човек на НАТО.

Претседателот Путин му се заблагодари на г-динот Робертсон за неговата улога во надминувањето на разликите, особено кога односите меѓу двете страни биле на мошне ниско ниво за време на косовскиот конфликт во 1999-та година, кога Русија остро се спротистави на воената кампања на НАТО против Србија.

Обајцата лидери се согласни дека по терористичките напади врз САД во 2001-та, односите меѓу Русија и Западот драматично се подобрени, со оглед и на тоа што претседателот Путин силно ја поддржува борбата против тероризмот под американско водство.

На местото на Г-динот Робертсон ќе дојде актуелниот министер за надворешни работи на Холандија, Јаап де Хуп Шефер.

XS
SM
MD
LG