Линкови за пристапност

Буш бара поддршка од Муслиманите против тероризмот - 2003-10-29


Претседателот ги покани муслиманските лидери во Белата куќа на ифтарска вечера, со која се завршува дневниот пост од изгрејсонце до стемнување во текот на светиот месец Рамазан.

“За муслиманите во Америка и ширум светот ова свето време е за молитва и пост. Ова исто така е добро време за припадниците на сите религии да ги изразат вредностите што ги споделуваме: љубов кон семејството, благодарност кон Бога и почитување на слободата на верска определба“, кажа претседателот Буш.

Присутните седеа околу округли маси, делејќи ја храната и разговарајќи. На вечерата присуствуваа амбасадорите од земјите со доминантно муслиманско население, муслиманско-американските лидери и претставници на американската администрација.

За време на приемот на 80-те гости, претседателот говореше за важноста од почитувањето на верските слободи за сите. Тој повика на мир и толеранција во Авганистан и Ирак, потенцирајќи уште еднаш дека Америка води војна против тероризмот, а не против Исламот.

“Во ниту една вера нема место за терористите кои ја злоупотребуваат религијата за одземање на невини животи“, истакна американскиот претседател.

Овие негови коментари во извесна мерка се однесуваа на најновата контроверза во врска со изјавите на еден офицер на американската армија ангажиран во војната против тероризмот. Одделот за одбрана започна истрага против армискиот генерал потполковник Вилијам Бојкин во врска со неговите изјави во кои тој ја поврзува американската војна против тероризмот со конфликт меѓу следбениците на Христијанството и оние на Исламот.

Претседателот не го спомена името на генералот Бојкин, но јасно покажа дека не се согласува со забелешките на генералот.

“Америка ги отфрла сите форми на етничка и верска омраза. Ние ги цениме вредностите на секој одговорен граѓанин, независно каде е роден. И ние секогаш ќе ја заштитуваме основната слобода: слободата на молење на Бога без страв“, кажа претседателот Буш.

Ова е трета година по ред, како претседателот е домаќин ифтарска вечера. Првата беше одржана по терористичките напади на 11 септември 2001 година, за да се сврти вниманието на потребата од верска толеранција и единство за време на периодот на искушенија во Америка.

XS
SM
MD
LG