Линкови за пристапност

Буш: Ирак и натаму е опасно место, но решеноста на САД да им помогнат на Ирачаните е цврста - 2003-10-28


Претседателот вели дека целта на оние кои ги изведоа бомбашките напади е да убиваат и да создадат хаос.

„Тоа е она што го прават терористите. Тие изведуваат самоубиствени акти врз невини луѓе, а потоа очекуваат луѓето да кажат - значи, подобро е да не се обидуваме веќе да се спротивставуваме“, истакна тој.

Г-динот Буш уште еднаш повтори дека терористите нема да победат во Ирак, и Америка нема да си замине:

„Тие нема да и се закануваат на Америка и нема да им се закануваат на храбрите Ирачани кои активно учествуваат во обезбедувањето на слободата на нивната земја“.

Американскиот претседател зборуваше по серијата бомбашки напади во Ирак. Еден од нив се случи пред седиштето на Меѓународниот Црвен Крст во Багдад, други беа изведени пред полициски станици, а најновиот беше во градот Фалуџа. Г-динот Буш вели дека верува оти сторители се членовите на партијата Баат на Садам Хусеин и странски терористи.

Претседателот истакна и дека САД тесно соработуваат со Сирија и со Иран за спречување на преминувањето на странски терористи во Ирак, и дека коалиционите сили ги интензивирале пограничните патролирања. Тој додаде дека сега во патролите има има и повеќе Ирачани.

Г-динот Буш подвлече дека во Ирак се случува многу повеќе од само тероризам и дека има напредок во образованието и здравството. Тој сепак рече дека крвопролевањето не може да се игнорира и дека Ирак претставува опасно место.

„Опасно е во Ирак зашто таму има луѓе кои не можат да ја поднесат помислата за слободен и мирен Ирак. Опасно е во Ирак бидејќи има некои кои веруваат дека ние сме меки, дека вербата на САД може да биде разнишана од самоубиствените напаѓачи“, рече тој.

Претседателот Буш кажа дека одговорните за последните напади во Ирак имаат ист менталитет како лицата одговорни за терористичките напади врз САД во 2001-та. Америка тој ден научила лекција што нема да ја заборави, кажа претседателот Буш, и дека ќе победи во борбата против тероризмот на сите фронтови, вклучувајќи го и Ирак.

XS
SM
MD
LG