Линкови за пристапност

Најнови вести, 27 октомври - 2003-10-27


Ирак - напади

Во самоубиствени напади со автомобили бомби пред зградата на Црвениот крст и три полициски станици загинале 34 лица , а над 200 се повредени. Бомбите експлодирале утрово на временско растојание од 45 минути, на првиот ден од муслиманскиот свет месец Рамазан. Американски и ирачки официјални претставници велат дека нападите веројатно биле координирани. Петтиот автомобил бомба бил запрен од полицијата, а ранетиот возач бил притворен. Американскиот армиски генерал Марк Хетлинг изјави дека возачот имал сириски пасош, а американските претставници се сомневаат дека бомбашките напади ги извршиле странци, а не ирачки противници на на коалицијата предводена од САД.

Авганистан - борби

Авганистанските претставници велат дека американски и авганистански сили убиле најмалку 20 осомничени борци на Ал-Каида и Талебан во југоисточната провинција Пактика. Шефот на полицијата од оваа провинција изјави дека борбите меѓу коалиционите и непријателските сили започнале во петокот во областа Гомал, во близина на границата со Пакистан. Уапсени се четири осомничени лица, а загинати се тројца авганистански војници. Авганистанските и американските коалициони трупи изведуваат операции за фаќање на милитантите во јужен Авганистан, додека пакистанските сили изведуваат слични акции од другата страна на границата.

Калифорнија - пожари

Илјадници пожарникари во јужна Калифорнија се обидуваат да ги стават под контрола пожарите во кои досега загинаа најмалку 13 лица,а десетици илјади жители беа принудени да ги напуштат своите домови. Поради силните ветрови, сушата и високите температури 10-те пожари продолжуваат да се шират, зафаќајќи територија од околу 120 илјади хектари, на која се уништени стотици домови. Пожарите од Лос Анѓелес на север до Сан Диего и границата со Мексико на југ им се закануваат на десетици илјади други жители. Некои пожари се споија и властите предупредуваат дека ветровите може брзо да го сменат правецот и пожарите да бидат непредвидливи

Русија – рудари

Руските власти велат дека спасувачите работат на запирање на поплавата во рудникот, каде што и натаму се заробени 13 рудари на јаглен. Властите кажаа дека спасувачите почнале да фрлаат стотици тони карпи во окното на рудникот Западнаја во јужна Русија за да спречат водата од подземното езеро да влезе во рудникот. Истовремено, друга група спасувачи копа тунел во друг рудник во насока каде што се верува дека се наоѓаат заробените рудари. Властите проценуваат дека за да се стигне до нив потребни се уште 15 до 20 метри. Спасувачите велат дека е невозможно да се употребат машини и затоа мораат рачно да копаат за да стигнат до рударите.

Израел - населби

Израел вели дека ќе обезбеди владини услуги и безбедност за нелегалните еврејски населби на Западниот брег. Израелската Влада претходно вети дека ќе ги отстрани овие населби, во рамките на меѓународната мапа кон мирот. Во писмото од висок претставник на Министерството за одбрана се прецизира дека Владата сепак нема да обезбеди електрилна енергија, вода, училишен автобуски превоз и безбедносна ограда за осум помали населби. Владините претставник вели дека одлуката не значи легализирање на населбите ниту нивно признавање како постојани. Палестинските претставници коментираат дека одлуката покажува оти Израел сака ја ја прошири окупацијата на палестинската територија.

САД - економија

Американските семејства во септември оствариле рекордна стапка во купувањето нови куќи и станови, за што економистите велат дека е показател оти опоравувањето на американската економија се забрзува. Во новиот извештај на една бизнис група се вели дека препродажбата на куќи пораснала за 3,6 проценти минатиот месец. На тоа ниво, годишно би се продале 6,3 милиони нови домови. Во владиниот извештај се вели дека продажбата на новоизградени станови била забавена во септември, но дека и натаму е во пораст. И двата извештаи се подобри отколку што очекуваат експертите.

XS
SM
MD
LG