Ирак
Командантот на американските копнени трупи во Ирак извести дека има пораст на нападите врз американските трупи.
Генерал-потполковник Рикардо Санчез вели дека просечниот број на напади се зголемил од 20 на 25 дневно во изминатите три недели, а најмногу имало 35 напади во еден ден. Генералот Санчез на новинарите во Багдад им кажал дека очекува нови напади врз американските трупи додека коалиционите сили предводени од САД ја продолжуваат потрагата по соборениот лидер Садам Хусеин и неговите следбеници. Во меѓувреме, најмалку петмина американски војници денеска биле ранети во напади врз воени конвои во Багдад и во градовите западно од главниот град.
Буш – Азија
Претседателот Буш е во Австралија, по куса посета на островот Бали, каде ја пофали Индонезија за ставот во однос на тероризмот.
Австралија е последната станица на патувањето низ шест држави на претседателот Буш низ Азискиот Пацифик. Претседателот ја мина ноќта во австралискиот главен град Канбера, пред утрешната средба со премиерот Џон Хауард. Тој исто така ќе се обрати на австралискиот парламент и се очекува да се заблагодари за помошта во операциите предводени од САД, во Ирак и Авганистан и во војната против тероризмот. За време на неговата тричасовна посета на Бали, господинот Буш и индонезискиот претседател Мегавати Сукарнопутри ја реафирмираа определбата за борба против тероризмот и промовирање на демократијата во светот.
Иран – Нуклеарна програма
САД ја поздравуваат одлуката на Иран да дозволи ненајавени проверки на меѓународните нуклеарни инспектори како и за суспендирање на неговата програма за збогатување на ураниумот.
Зборувајќи денеска во Индонезија, претседателот Буш кажа дека тоа е многу позитивен развој на настаните. И висок руски претставник го изрази задовоствот на Русија за најновата одлука на Иран, велејќи дека со тоа ќе се поедностави нуклераната соработка на Москва со оваа земја. Во Техеран, владини претставници кажаа дека вечерва Иран ќе ги предаде документите за своите минати нуклеарни активности на Меѓународната агенција за атомска енергија. Иран вчера соопшти дека ќе им излезе во пресрет на барањата на агенцијата пред истекувањето на поставениот рок од 31-ви октомври.
Северна Кореја
Северна Кореја го одби предлогот на претседателот Буш, Пјонгјанг да добие мултилатерална безбедносна гаранција, доколу се согласи да се откаже од својата нукларна програма.
Официјаланата севернокорејска новинска агенција предлогот го нарече смешен и невреден да се разгледува. Агенцијата вели дека Пјонгјанг ќе се согласи само на официјален договор за ненапаѓање. Претседателот Буш за одговорот на Северна Кореја бил информиран додека патувал за Австралија. Тој за новинарите изјави дека заедно со лидерите на Јужна Кореја, Јапонија, Кина и Русија и натаму ќе испраќаат како што ја нарече, јасна порака дека Пјонгјанг мора да се откаже од својата нуклеарна програма.
Европа - Гвантанамо
САД се под се поголем притисок од Европа да го разрешат законскиот статус на осомничените за тероризам што се во притвор без судење во американската воена база на Куба.
Британскиот премиер Тони Блер кажа дека статусот на дветмина британски притвореници мора наскоро да биде утврден. Тој пред парламентот изјави дека на притворениците мора да им се овоможи фер судење или да бидат вратени дома доколку САД не обезбедат прифатлива законска процедура. Законодавците на ЕУ исто така вршат притисок за ослободување или за итно судење на 26 Европјани што се наоѓаат во базата Гвантанамо. Законодавците побараа од италијанскиот премиер Силвио Берлускони веднаш да го изнесе овој проблем пред претседателот Буш. Италија во моментов раководи со ротирачкото претседателство на ЕУ.
САД – Комисија за вооружени служби
Претседавачот на Комисијата за вооружени служби на американскиот Сенат побара привремено разрешување на генералот кој изјавил дека војната против исламските терористи е битка против Сатаната.
Републиканскиот сенатор Џон Ворнер побара генерал полковникот Вилијам Бојкин да биде суспендиран додека трае изстрагата за неговите изјави. Во писмото до секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд, сенаторот Ворнер и сенаторот од Демократската партија, Карл Левин, предупредуваат дека разгорувачките јавни изјави од виоск воен претставник може да бидат опасни за американските војници во странство. Меѓутоа, еден од помошниците на господинот Рамсфелд денеска изјави дека тој не планира да го отпушти генералот Бојкин, кој е заменик подсекретар за разузнавање во одбраната.
Израел – Палестинци
Израелските трупи убиле тројца Палестинци во одвоени инциденти на Западниот Брег.
Насилството се случило денеска додека палестинскиот премиер Ахмед Куреиа се сретнал во Каиро со американскиот претставник за Блискиот Исток, Вилијам Брнс. Потоа г-динот Брнс му се придружил на државниот секретар Колин Пауел на разговори со египетскиот претседател Хосни Мубарак.