Линкови за пристапност

Рамсфелд прашува дали САД прават доволно да победат во војната против тероризмот - 2003-10-22


Меморандумот кој датира од 16-ти октомври бил испратен до највисокото граѓанско и воено раководство на Пентагон. Во документот господинот Рамсфелд вели дека негов впечаток е оти САД се уште немаат преземено вистински храбри чекори.

Секретарот за одбрана уште вели дека има измешани сигнали за задушувањето на Ал-Каида, забележувајќи дека многу од терористите од Ал Каида и натаму се на слобода. Напредокот во справувањето со Талебан тој го опишува како побавен, а што се однесува до напорите за запирање на активностите на терористичката група Ансар Ал Ислам поврзана со Ал Каида, господинот Рамсфелд вели, „тукушто почнуваме“.

Американскиот секретар за одбрана изразува доверба дека силите под американско раководство во Авганистан и Ирак можат да победат, но додава дека тоа ќе биде, „долга и тешка борба“.

За меморандумот извести весникот Ју-Ес-Еј Тудеј, кој го објави и самиот документ. Портпаролот на секретарот Рамсфелд, Лари Дирита ја потврдува неговата автентичност, но ја намалува важноста.

Тој изјави дека целта на меморандумот е да ги покрене главните прашања кои може да ги одредат идните анти-терористички активности.

„Ова се очигледно големи прашања кои заслужуваат големо размислување, а луѓето до кои е адресиран меморандумот се луѓе кои ќе можат да го ангажираат остатакот од Пентагон во таков вид на размислување“, истакна господинот Дирита.

Документот беше адресиран до заменикот-секретар за одбрана Пол Волфовиц, до началникот на здружениот Генералштаб, генералот Ричард Маерс и неговиот заменик, потоа до генералот Питер Пејс и до Даглас Феит, подсекретарот на Одделот за одбрана задолжен за политика.

Во документот се поставува и прашањето дали САД апсат или убиваат повеќе терористи споредено со бројот на оние кои денес се регрутираат, обучуваат и распоредуваат. Присутно е и прашањето за тоа како може да се спречи финансирањето на радикалните исламски верски училишта. Секретарот Рамсфелд прашува и дали на Одделот за одбрана му се потребни нови начини за организирање на борбата против тероризмот и дали е потребна нова институција за анти-тероризам.

Господинот Рамсфелд уште наведува дека САД вложуваат, како што вели, релативно мал напор во долгорочното планирање, додека голем напор се вложува во обидот да се спречат терористичките акти. Тој уште вели дека при овие напори САД трошат милијарди долари, додека изведувањето на акциите терористите ги чини милиони долари.

XS
SM
MD
LG