Оскар Де Ла Рента вели дека честопати ги препознава своите креации на улиците. Но, по повеќе од 40 години и илјадници модели, тој истакнува дека често и заборава на некои од нив.
„Доколку видам некоја креација, ја препознавам, но во спротивно, од опис, никогаш не помнам ништо. Тоа е добро бидејќи она што е важно во модата е она што се случува денес и во блиска иднина. Откако ќе завршам со одредена колекција, како што беше случај минатата недела, она на што размислувам е на следната колекција“, вели тој.
Легендарниот креатор е роден пред седумдесет и една година во Доминиканската Република од каде на тинејџерска возраст заминал да студира уметност во Мадрид. Се издржувал себеси скицирајќи за водечките модни куќи во Шпанија. На младиот уметник му се насмевнала среќата кога се запознал со Кристобал Баленсиага, кој во тоа време бил еден од светски највлијателните модни креатори.
„За мене, Баленсиага беше Бог и секако еден од најважните дизајнери на 20-тиот век. Јас немав можност да посетувам училиште за мода, а работејќи за Баленсиага имав шанса да одам во просториите каде се чуваа примероци, да гледам како се прави облеката и и да го научам целиот тој процес“, изјави господинот Де Ла Рента.
Оскар Де ла Рента вели дека освен Баленсиага, на него има влијание и неговата пријателка, покојната Коко Шанел и нејзината способност да креира дизајни што се вечни.
„Причината зошто ми се допаѓа Шанел е, како што секогаш велам, е дека модата не се менува секој ден. Се менуваат само нејзините трикови“, вели тој.
Меѓу класичните креации на Оскар Де Ла Рента кои сега се дел од Колекцијата Костуми во институцијата Смитсониан во Вашингтон има и некои од 70-те години, но и дел од неговите најнови дела од модната куќа Балмаин во Париз. Тука се црно-бел фустан во таканаречен цигански стил, со корсет од црна превртена кожа што било многу популарно во 70-те, црешово-црвен свилен фустан на бретели и широко здолниште со шамија врзана во панделка на струкот, како и блуза со боја на злато без ракави украсена со пердуви и соодветно здолниште што неодамна беа прикажани на изложбата во њујоршкиот Метрополитен музеј на уметноста. Господинот Де Ла Рента вели дека принцезата Ли Радзивел тоа го носела на отварањето на изложбата во музејот организирана во чест на нејзината сестра Жаклина Кенеди Оназис.
Денес, Оскар Де Ла Рента е добро познат по креациите за секој ден со пристапни цени, но и по вечерни фустани чија цена може да достигне десетици илјади долари. Но, овој моден креатор вели дека не се потребни многу пари за да се одржува стилот. Доколку една жена ги избегнува замките на модата и се облекува на начин со кој се дефинира нејзината личност и ја прикажува нејзината идивидуалност, вели тој, што и да облече, таа жена никогаш не е надвор од модата.