Северна Кореја вели дека понудата на претседателот Буш е „смешна“ и дека „не вреди да се разгледува“.
Државната Корејска централна новинска агенција вчера објави дека Пјонгјанг се уште бара официјален договор со САД за ненапаѓање.
Господинот Буш повторно ја отфрли можноста за ваква спогодба на самитот на АПЕК што оваа недела се одржа во Банкок. Но, за прв пат тој понуди писмени безбедносни гаранции од Вашингтон и неговите азиски партнери, доколку Северна Кореја ја уништи својата програма за нукеларно оружје.
При престојот во Индонезија господинот Буш го намали значењето на одбивањето, велејќи дека алијансата „останува на својот курс“.
„Ќе има многу вакви соопштенија. Мислам дека се обидуваат да пружат отпор на петте држави што сега се обединети да ја убедат Северна Кореја да се разоружа“, истакна претседателот.
Претходно администрацијата на Буш инсистираше Северна Кореја најпрво да ја запре својата програма пред да се разгледаат какви било отстапки.
САД бараат азиските држави да бидат инволвирани во сите договори што треба да се склучат доколку станува се потешко Северна Кореја повторно да се врати на исполнување на своите обврски.
Вашингтон не верува многу дека Северна Кореја ќе прифати билатерален договор, со оглед на актуелното кршење на билатералниот договор со САД од 1994 година за неширење на нуклеарното оружје.
Господинот Буш вели дека лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ил сега треба да покаже дека е сериозен.
„Тој бара безбедносен договор и ние сме подготвени да понудиме мултилатерален безбедносен договор, со претпоставка дека тој е подготвен да се откаже од нуклеарното оружје, производството и програмите“, вели господинот Буш.
Северна Кореја се уште не ветила нова рунда разговори со САД, Кина, Русија, Јужна Кореја и Јапонија. Првата рунда се одржа во август во Пекинг и без да биде постигнат напредок.
Портпаролот на јапонската Влада Јасуо Фукуда вели дека во Токио и натаму има оптимизам. Тој кажа дека се надева оти ќе има плодни дискусии доколку се одржи втората рунда разговори.
Кризата започна минатиот октомври кога американски официјални претставници кажаа дека Северна Кореја има тајна програма за нуклеарно оружје со што ги прекршува меѓународните договори.