Линкови за пристапност

Папата назначи 31 нови кардинали - 2003-10-21


Тоа беше девети собир на кардиналите во папството на Јован Павле. Церемонијата се одржа на плоштадот Свети Петар.

Папата Јован Павле беше многу уморен кога се појави по еднонеделните настани за одбележување на 25-годишнината од неговиот избор за папа.

Пријатели и членови на семејствата на новите кардинали, како и многу верници и туристи присуствуваа на двочасовната служба. Во текот на мисата, 83-годишниот Папа успеа да каже само неколку збора.

Папата Јован Павле не го прочита списокот со имиња на новите кардинали. И по втор пат во последните три дена тој не ја читаше проповедта на голем настан.

Државниот секретар на Ватикан, Анџело Содано ја прочита пораката на Папата.

Бојата на наметките на кардиналите потсетува на бојата на крвта и потсетува на херојството на мачениците. Папата исто така кажа дека новите кардинали, од 22 различни држави, ја одразуваат разновидноста на расите и културите што ги карактеризираат Христијаните.

Името на едниот од 31 нови кардинали се чува во тајност, како опција што се користи да се заштити кардиналот од евентуална непријателска реакција во средина што е против Ватикан.

Под владеењето на Папата Јован Павле, Колеџот на кардиналите стана повеќе меѓународен, а помалку италијански. Но Европа и натаму е најголемиот блок, а по неа е Латинска Америка.

Со најновото именување, бројот на Колеџот на кардинали се зголеми на 194, но само 135 имаат помалку од 80 години и со тоа можат да гласаат за наследник на папата.

Со оглед на слабото здравје на Папата, многу набљудувачи сметаат дека ова била последната шанса на папата да осигура дека ќе го остави својот конзервативен печат на црквата.

Само петмина од сегашни кардинали не се назначени од Папата Јован Павле, заради што е многу веројатно неговиот наследник да биде со исти ставови.

XS
SM
MD
LG