Линкови за пристапност

Најнови вести, 21 октомври - 2003-10-21


Ирак - апсења

Коалициони воени претставници во Ирак велат дека ирачката полиција, во соработка со коалиционите трупи уапсила неколку лица за кои се верува дека се поврзани со неодамнешното смртоносно насилство во светиот град на Шиитите, Карбала. Претставниците велат дека апсењето било изведено денеска и дека властите се уште работат на утврдување на идентитетот на притворените. Нема информации за повредени. Во меѓувреме, американската армија ги брани акците на американските сили во Ирак по обвиненијата од група за човекови права дека армијата не успеала соодветно да ги истражи случаите на загинати ирачки цивили од страна на американски војници во Багдад.

АПЕК

Азиско-пацифичките лидери го завршија дводневниот самит во Банкок со повик за обнова на глобалните трговски разговори и ветување за интензивирање на меѓусебната борба против тероризмот. Во заедничка изјава, лидерите на АПЕК изјавија дека нова рунда светски трговски разговори е потребна по колапсот на неодамнешните преговори во Мексико. Лидерите на групата која брои 21 земја-членка ветија и подобра координација на напорите за разбивање на регионалните терористички групи кои претставуваат закана за економиите во земјите каде дејствуваат. Тие се договорија и на значително ограничување во употребата и продажбата на рачните минофрлачи. Лидерите на АПЕК изразија поддршка за продолжувањето на шестпартитните преговори околу севернокорејската нуклеарна криза.

Буш во Азија

Претседателот Буш се наоѓа во Сингапур на разговори со премиерот Го Кон Тонг околу трговијата и борбата против тероризмот во југоисточна Азија. Г-динот Буш во Сингапур пристигна денеска од Банкок каде присуствуваше на Азиско-Пацифичкиот економски самит. Господата Буш и Тонг во мај годинава се сретнаа во Белата куќа каде го потпишаа билатералниот договор за слободна трговија. Американскиот претседател утре ќе замине за Бали, Индонезија на разговори со индонезискиот претседател Мегавати Сукарнопутри, а потоа ќе престојува во дводневна посета на Канбера, Австралија

САД - Судан

Американскиот државен секретар Колин Пауел се наоѓа во Кенија каде ќе изврши притисок врз суданските преговарачи за постигнување договор за ставање крај на 20-годишната граѓанска војна. Американсканските претставници веруваат дека суданската влада и главната бунтовничка група се близу до постигнување мировен договор околу безбедносните прашања. Г-динот Пауел предупредува дека договорот можно е да не биде постигнат за време на неговата дводневна посета на регионот. Откако тоа ќе се случи, секретарот Пауел вели дека администрацијата на претседателот Буш повторно ќе ги разгледа актуелните американски санкции спрема Судан, меѓу кои е и можното отстранување на Судан од американската листа на држави-спонзори на тероризмот. Вечерва во Најроби г-динот Пауел се очекува да се сретне со кенискиот претседател Мваи Кибаки.

Северна Кореја

Во најновиот извештај на Јужна Кореја се вели дека Северна Кореја се верува дека репроцесирала само околу 30 проценти од своите употребени нуклеарни прачки за да произведе материјал за нукларно оружје. Во извештајот на јужнокорејската новинска агенција Јонхап се цитира неименуван претставник во Сеул кој вели дека тврдењето на Северот дека ги репроцесирал сите 8.000 нуклеарни прачки и ги приспособил за производство на нуклерно оружје, не е вистинито. Во 1994-та година Пјонгјанг потпиша договор со САД за замрзнување на својата нуклеарна програма, но Вашингтон пред една година кажа дека Северна Кореја го прекшила своето ветување. Во знак на одмазда, САД го запреа снабдувањето со нафта за оваа земја.

Израел - Палестинци

За време на погребната поворка за Палестинците загинати при израелскиот напад, се појавија илјадници ужалени во бегалскиот камп во Појасот Газа. Во денешниот марш во Нусеират, ужалените ги носеа седумте тела низ улиците и ветуваа одмазда за израелските воздушни напади од кои загинаа 10 Палестинци, а повеќе од 80 се поврдени. Израел вели дека целта на нападите биле палестинските милитанти. Палестинскиот лидер Јасер Арафат денеска ги повика светските лидери да преземат итна акција за како што го нарече, военото лудило на Израел.

XS
SM
MD
LG