Линкови за пристапност

Повторно гласање во ОН за израелскиот ѕид - 2003-10-21


Арапските држави вчера побараа од Генералното собрание да објави дека израелската ограда е кршење на меѓународните закони. Но по неколку часови жешка расправа, таа беше прекината додека предлагачите ги разгледуваат амандманите со кои би се осудил тероризмот.

Оваа ограда, што на некои места е висока до осум метри и стотици метри широка, ги налути арапските соседи на Израел. Веќе е долга 150 метри и длабоко навлегува на палестинска територија. Кога ќе биде завршена ќе се протега до 500 километри.

Арапските делегати, кои очигледно беа фрустрирани од ветото на САД минатата недела на слична резолуција на Советот за безбедност, обвинуваат дека ѕидот ќе има катастрофални последици. Палестинскиот амбасадор Насер ал-Кидва, кој зборуваше преку преведувач, кажа дека се додека постои ѕидот, не може да има мир.

“Ѕидот е огромно воено злосторство заедно со другото воено злосторство, а тоа е израелските населби на наша територија. Како додаток на безбројните други воени злосторства извршени од окупационите сили врз палестинскиот народ, последното злосторството е извршено во бегалскиот камп Рафах пред само неколку дена“, изјави господинот Ал-Кидва.

Израелскиот амбасадор Ден Гилерман ги исмејуваше палестинските аргументи. Тој рече дека усвојувањето на мерки како минатомесечната анти-израелска резолуција во Генералното собрание, само ги ослабува ОН.

“Свикувањето на уште една специјална итна седница на Генералното собрание се кршење на јасните услови поставени со процедурата Обединување за мир, и нема ништо заедничко со таканаречениот неуспех на Советот за безбедност да усвои резолуција минатата недела, туку е само патетичен повик во заклучокот што пред малку го слушнавте од најистакнатиот терористички ентитет во светот денеска, кое нема врска со реалноста“, кажа амбасадорот Гилерман.

Расправата беше прекината, меѓутоа од предлагачите беше побарано да ги разгледаат амандманите што имаат за цел да ја избалансираат резолуцијата со осуда на терористичките напади врз Израелците. Неколку европски земји исто така вршат притисок за елиминирање на втората мерка со која ќе се бара мислење од меѓународниот суд.

Се очекува мерката за осуда на израелската ограда лесно да биде усвоена во Генералното собрание, каде што Палестинците имаат широка поддршка, а САД немаат право на вето. За разлика од Советот за безбедност, резолуциите на Генералното собрание се повеќе симболични и немаат законска сила.

Предлагачите на мерката се надеваат дека за неа ќе се гласа вечерва.

XS
SM
MD
LG