Линкови за пристапност

Претседателот Буш може да понуди гаранции на Северна Кореа - 2003-10-20


Двајцата претседатели велат дека се посветени на наоѓање мирно решение за кризата, но дека нема да толерираат Пјонгјанг да продолжи да поседува нуклеарно оружје.

Во заедничката изјава по нивната утринска средба, претседателот Буш и претседателот Ро се заложија за брзо продолжување на шестпартитните разговори во насока на убедување на Северна Кореја да ја елиминира својата нуклеарна програма на проверлив и неповратен начин.

Тие повикаа на конкретен напредок при следната рунда на овие разговори кои ги вклучуваат Северна Кореја, Јужна Кореја, Русија, Јапонија, Кина и САД.

Претседателот Буш го повтори своето порано дадено ветување дека нема да изврши инвазија на Северна Кореја и понуди писмени гаранции во замена за откажувањето на Пјонгјанг од своето оружје. Тие гаранции нема да бидат дел од некаков официјален договор за ненапаѓање, што Северна Кореја го поставува како предуслов за продолжување на шестпартитните разговори.

Претседателот Буш и претседателот Ро ја поттикнаа Северна Кореја позитивно да одговори на дипломатските напори и да се воздржи од акции со кои ситуацијата би можела да се влоши.

Во меѓувреме, Северна Кореја тестираше проектил копно-море во близина на нејзиниот источен брег. Портпарол на јужнокорејската влада кажа дека тестирањето било дел од рутинска воена вежба и се обиде да не му придава големо значење на инцидентот, велејќи дека годинава имало уште три такви тестирања.

Севернокорејскиот државен весник во неделата објави дека регионалниот економски форум во Тајланд не е место за разговор за нивната нуклеарна програма бидејќи тоа прашање треба да биде разрешено меѓу Северна Кореја и САД.

Таков билатерален фокус е токму она што администрацијата на Буш сака да го избегне, велејќи дека минатите договори меѓу двете земји многу лесно биле прекршувани.

Високи претставници на администрацијата веруваат дека би било потешко Северна Кореја да не испочитува еден мултилатерален безбедносен договор, зашто тоа би значело погазување на зборот даден на Сеул, Пекинг, Москва и Токио, и секако на Вашингтон.

Рускиот претседател Владимир Путин вели дека натамошните разговори ќе произведат позитивни резултати доколку се посвети внимание на безбедносните грижи на Северна Кореја. Јапонскиот премиер Јунихиро Коизуми го поддржува американскиот притисок за нови преговори, а кинескиот претседател Ху Џинтао вели дека се залага за мирно решение на нуклеарната криза

Иако Вашингтон знае дека Пјонгјанг е за формален договор за ненапаѓање, американските претставници сепак се надеваат дека кинеските власти би можеле да ја убедат Северна Кореја дека мултилатерални безбедносни гаранции се најдоброто што би можело да се постигне.

XS
SM
MD
LG