Линкови за пристапност

Босна - Изетбеговиќ - 2003-10-20


На г-динот Изетбеговиќ многумина во земјата му се обраќаа со „дедо“, за неговата улога на татко на нацијата. Тој десет години ја водеше Босна и Херцеговина, во време на нејзината борба за независност од Југославија од 1992 до 1995 година.

Над 200.000 луѓе загинаа во војната по распаѓањето на Југославија, што се смета најкрвав конфликт во Европа по Втората светска војна. вНад 2 милиони бегалци ги напуштија своите домови или беа жртви на етнички чистења.

Во 1995 година, г-динот Изетбеговиќ и претседателите на Хрватска и Србија се согласија да го потпишат Дејтонскиот Мировен договор, изработен од американските посредници по повеќенеделни преговори.

Според договорот, Босна беше поделена на Република Српска и Муслиманско-хрватска федерација, со тричлено претседателство во кое членуваат претставници на секоја од етничките групи.

Г-динот Изетбеговиќ тогаш рече дека „тоа можеби не е праведен мир“, бидејќи според неговото гледиште, договорот го оправдуваше етничкото чистење и насилното преместување на етничките групи од една во друга област. Но тој тогаш исто така изјави дека договорот „е многу поправеден отколку продолжувањето на војната“.

Со последниот коментар и со неговата ненаметливост како член на босанското претседателство, тој на почетокот ја освои поддршката од западните сили и муслиманските земји. Сепак, дури и поранешните сојузници подоцна го критикуваа поради сугестиите дека со придобивањето на симпатиите на исламските земји за време на Босанската војна, тој практично им овозможил на муслиманските радикали да навлезат во Босна и Херцеговина.

По војната г-динот Изетбеговиќ на двапати беше избран како член на претседателството. Тој се повлече во 2000 година. Тој беше последниот од тројцата лидери-потписници на Дејтонскиот договор кој ја напушти функцијата. Хрватскиот претседател Фрањо Туѓман почина во 1999 година. Српскиот и претходно југословенски лидер Слободан Милошевиќ беше соборен од власт во 2000 година и сега против него пред Трибуналот на ОН во Хаг се води судски процес за воени злосторства.

Г-динот Изетбеговиќ по професија беше адвокат. Тој двапати бил осудуван за неговите политички ставови, и поминал 9 години во затвор во времето на комунистичка Југославија. Вториот пат тој бил осуден во 1983 година, поради авторство на публикацијата „Исламска декларација“.

Г-динот Изетбеговиќ имаше здравствени проблеми. Минатата година му беше вграден пејс-мејкер, по двата преживеани срцеви удари.

XS
SM
MD
LG