Линкови за пристапност

Кина - вселена - 2003-10-14


Иако лансирањето може да се случи во секој момент, кинеските државни медиуми јавија дека е откажан телевизискиот пренос.

Весникот на владејачката Комунистичка партија пишува дека претставници на Кинеската Централна телевизија во последен момент одлучиле да нема ваков пренос во живо. Претставници на Телевизијата, пак, не сакаа да коментираат.

Добрите познавачи на ситуацијата велат дека Кина се надева на меѓународен престиж со успешното лансирањето на вселенското летало. Доколку се оди според планираното, Кина ќе биде третата земја по САД и поранешниот Советски Сојуз која ќе испрати човек во орбитата.

Посебно се големи очекувањата на домашен терен, каде власта се надева на подобрување на сопствениот имиџ, во услови на растечка невработеност, сиромаштија и други социјални проблеми.

Еден весник од Хонг Конг цитира медиумски извори кои велат дека одлуката за откажување од пренос во живо на лансирањето е поттикната од стравот на лидерите оти неуспешното лансирање ќе нанесе штета на имиџот на власта.

Професорот Џоан Џонсон Фрис од Колеџот за воена морнарица во американската држава Роуд Ајланд е долгогодишен аналитичар на кинеската вселенска програма. Таа вели дека власта во Пекинг има обичај да дава што е можно помалку информации пред важни лансирања. Тој вели:„Кинезите се свесни дека веднаш штом леталото ќе биде лансирано, тоа ќе биде следено од другите земји, така што немаат смисла обидите лансирањето да се скрие. Мислам дека тие сега се обидуваат да добијат на публицитет, додека во исто време колку што е можно ги држат нешата под контрола. Доколку нешто тргне во несакан правец, тие сакаат да бидат во можност на кинеската јавност да и ја пренесат таквата вест на начин што ќе биде во полза на власта и на начин на кој таа сака да биде пренесена“.

Кинеската вселенска програма, која е поддржана и е водена од страна на Армијата, порано ги пренесуваше лансирањата на ракетите во живо. Но, тоа се промени по серијата неуспеси во 90-тите години, од кој најтрагична беше експлозијата во 1995 година на ракета, во која загинаа шестмина членови на семејство кои го набљудуваа лансирањето.

Оттогаш, жителите на Кина добиваат известувања за лансирањата само откако тие ќе бидат успешно изведени.

Дури вчера државните медиуми започнаа да даваат некакви информаци за подготовките за лансирањето.

Во документарниот филм на кинеската државна телевизија, претстојното лансирање се опишува како знак дека Кина, каде е пронајден барутот и експлозивните материи, си го враќа своето место во светот како лидер во технологијата.

XS
SM
MD
LG