Линкови за пристапност

Најнови вести, 10 октомври - 2003-10-10


Израел-Палестинци

Израелските трупи убиле седумина Палестинци, во, како што се опишуваат жестоките борби со милитантите за време на напад врз бегалски камп во Појасот Газа. Израелските тенкови и хелихоптери упаднале во кампот Рафах, во близина на границата со Египет доцна синоќа. Израел вели дека бара тунели кои палестинските милитанти наводно ги користеле за шверц на оружје од Египет. Палестински претставник убиствата ги нарече воено злосторство. Во меѓувреме, палестинскиот лидер Јасер Арафат и новиот палестински премиер Ахмед Куреја се обидуваат да постигнат согласност околу новиот кабинет.

САД - Куба

Претседателот Буш вели дека САД ги зајакнуваат мерките против Американците кои нелегално патуваат во Куба. Тој денеска истакна дека нелегалните патувања се во полза на кубанската влада, која ја поттикнува трговијата со бело робје. Во говорот во Белата куќа, г-динот Буш рече дека Одделот за домашна безбедност ќе ги зголеми проверките за Американците кои нелегално патуваат во и од Куба, образложувајќи дека овие патувања најчесто се користат како покритие за нелегални активности. Тој исто така рече дека САД ќе ги поттикнат Кубанците кои бегаат од островот да не ги ризикуваат своите животи, велејќи дека САД ќе го зголемат бројот на кубанските имигранти кои годишно се прифаќаат во земјата.

Северна Кореја

Државната телевизија на Јужна Кореја јави дека Северна Кореја бара идната рунда мултилатерални разговори да се одржи во декември. Телевизијата Ки-Би-Ес вели дека претставникот на Северна Кореја во ОН на новинарите им изјавил дека Пјонгјанг би сакал разговорите повторно да се одржат во Пекинг. Телевизијата не го соопшти името на претставникот. Откако во август заврши првата рунда разговори во Пекинг, Северна Кореја објави контрадикторни соопштенија за тоа дали повторно ќе преговара. Неколку дена потоа, Пјонгјан објави дека Јапонија треба да биде исклучена од натамошните разговори. Останатите учесници го отфрлија ова барање на Северна Кореја

Пакистан – ал-Каида

Пакистанските безбедносни сили уапсија 38 племенски членови во близина на границата со Авганистан, за време на потрагата по лица обвинети за обезбедување засолниште на припадници на Ал-Каида. Властите ја отпочнаа потрагата во племенскиот предел Јужен Вазиристан, каде уапсиле 18 осомничени припадници на Ал-Каида и Талебан, а на 2-ри овој месец убиле осуммина. Пакистанските власти поставија рок за предавање на тројца племенски членови обвинети за обезбедување засолниште за припадници на терористичката мрежа Ал-Каида.

Црвен Крст - Гвантанамо

Претставници на Меѓународниот комитет на Црвениот Крст остро ги критикуваат САД затоа што го продолжуваат притворот на околу 600 осомничени терористи на изолираната американска морнаричка база во кубанскиот залив Гвантанамо. Кристоф Жиро, висок претставник на Црвениот Крст во Вашингтон, за денешен Њујорк Тајмс изјавил дека состојбата со притворениците е “неприфатлива“. Господинот Жиро вели дека затворениците се држат на неопределено време без законска основа и дека главен проблем станува нивното ментално здравје. Господинот Жиро изјавил дека Црвениот Крст јавно ги објавува своите критики затоа што американските власти не реагирале на претходните критики

Кина

Кина денеска потврди дека идната недела за прв пат ќе лансира вселенски брод со човечки екипаж. Државната новинска агенција Ксинхуа јави дека ракетата Шензоу-5 ќе биде лансирана во орбитата меѓу 15 и 17 октомври. Во извештајот се наведува дека вселенскиот борд ќе ја обиколи Земјата 14 пати. Кинеските власти не кажуваат колку астронаути планираат да испрата во орбитата. Доколку овој вселенски лет успее, Кина ќе стане третата земја што лансирала ракета со човечки екипаж во вселената.

XS
SM
MD
LG