Линкови за пристапност

Иранката Ширин Ебади добитник на Нобеловата награда за мир - 2003-10-10


Г-ѓа Ебади е првата Иранка и воопшто првата жена-муслиманка - добитник на оваа престижна награда. 56-годишната адвокатка беше една од првите жени-судии во Иран, но беше принудена да се повлече по Исламската револуција во 1979-та година, кога владеачкото свештенство во земјата донесе одлука дека жените не можат да ги контролираат судовите.

Оттогаш таа се посвети на борба за реформи во иранскиот исламаски правен систем, вклучувајќи ги напорите да се подобри статусот на жените.

Оле Данболт Мјос, претседателот на Норвешката Комисија за Нобелова награда денеска во Осло кажа дека доделувањето на наградата на г-ѓа Ебади има за цел да инспирира надеж меѓу луѓето кои се борат против репресијата насекаде во светот.

“Се надеваме дека иранскиот народ ќе чувствува радост дека за прв пат во историјата, еден од нив е добитник на Нобеловата награда за мир. Се надеваме дека наградата ќе биде инспирација за сите оние кои се борат за остварување на човековите права и демократија во нејзината земја, во муслиманскиот свет и во сите земји каде на борбата за човекови права и е потребна инспирација и поддршка“, рече господинот Мјос.

Од Париз, каде живее во последниве неколку месеци, г-ѓа Ебади за норвешкото радио изјави дека наградата е добра за неа и за каузата на човековите права и демократијата во Иран.

Дипломатите кои ги пратат настаните во Иран велат дека реформистите во земјата со наградата на г-ѓа Ебади добиле голем поттик. Но, некои западни активисти за човекови права стравуваат дека во наредните неколку недели, наградата може да предизвика реакција кај конзервативното свештенско раководство против реформистите во Иран.

Џудит Видал Хал од организацијата Индекс на цензура, со седиште во Лондон, која го истражува цензурирањето на медиумите во земјите како Иран, вели дека наградата на г-ѓата Ебади не само што има длабоко влијание во борбата за демократија во Иран, туку истовремено претставува предупредување за администрацијата на претседателот Буш, која не го крие својот непријателски став спрема иранската Влада.

„Оставете го Иран, не го допирајте Иран. Таму работат сериозни демократски сили. Не вршете инвазија, не интервенирајте. Дајте му шанса на Иран. Поддржете ги демократските сили и пред се, сигурен сум дека и Ширин ова ќе го каже, поддржете ги таквите како неа во Иран, кои толку очајно се обидуваат да издејствуваат промена“, вели госпоѓа Видал Хал.

Г-ѓа Ебади за Нобеловата награда за мир беше избрана меѓу 165 кандидати, вклучувајќи го и Папата Јован Павле Втори и поранешниот чешки претседател, Вацлав Хавел.

XS
SM
MD
LG