Линкови за пристапност

Завршува дводневната средба на министрите за одбрана на НАТО во Колорадо - 2003-10-09


Генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон и американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд разговараа со новинарите откако претходно присуствуваа на воена вежба - симулација на идна терористичка криза што би започнала на Блискиот Исток, но би се заканувала на Европа со оружје за масовно уништување. Вежбата ја набљудуваа и министрите за одбрана на останатите 18 земји-членки на НАТО, како и на седумте источноевропски држави кои идната година треба да влезат во Алијансата.

Воената вежба, што се одржа во добро обезбедената американска воена база во близина на Колорадо Спрингс, беше замислена како проба на можностите на НАТО да реагира на вакви кризи во иднина и да се покаже како планираните сили на НАТО за брза реакција би воспоставиле контрола над ситуацијата. Овој настан не беше достапен за медиумите.

Секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд кажа дека целта на вежбата, наречена “Динамичен одговор 07“, била да се тестираат силните и слабите страни на НАТО.

Генералниот секретар Робертсон го истакна она што го смета за слабост, велејќи дека вежбата покажала оти на НАТО во моментов му недостасуваат трупи кои би можеле брзо да бидат распоредени надвор од Европа. “Ни требаат вистински, војници што може да се распоредат, а не армии на хартија“, кажа првиот човек на Алијансата.

НАТО предвидува до 2006 да бидат комплетирани “силите за брза реакција“ од пет илјади војници и 15 илјади војници позадинска поддршка, кои може да бидат распоредени каде и да е во светот за неколку недели, па дури и за неколку дена.

Покрај планирањето на реакции на кризни ситуации во иднина, вчера и денеска министрите за одбрана разгледуваат низа актуелни прашања, меѓу кои и проширувањето на мировната мисија на НАТО во Авганистан. Тие исто така ќе се сретнат со рускиот министер за одбрана Сергеј Иванов. (SIGNED)

XS
SM
MD
LG