Клучната Комисија во Претставничкиот дом се подготвува да го одобри барањето на претседателот Буш за приближно 87 милијарди долари за обнова и за армиски операции во Ирак и Авганистан.
Демократите и Републиканците беа главно согласни околу законот за издвојување нови 65 милијарди долари наменети за американските операции во Ирак и Авганистан. Но, некои конгресмени побараа 20-те милјарди долари за ирачката обнова да бидат дадени како заеми.
На ова се спротивстави владата на претседателот Буш, со аргумент дека Ирак, дури и доколку се земат предвид идните профити од нафтата, нема да може да поднесе додатни задолжувања.
Претседателот на Комисијата за апропирации, конгресменот од Републиканската партија Бил Јанг вели:
„Сите средства што тука се обезбедуваат се грантови. Нема овластувања за заеми“, рече тој.
Демократот од државата Висконсин, Дејвид Обеи се залага за обезбедување на заемите.
„Можно е да има разумен спој на заеми и грантови, што со тек на време ќе донесе поголема помош за Ирак, а помала сума за американските даночни обврзници“, смета г-динот Обеи.
Од парите за обнова на Ирак, само нешто над три милијарди долари ќе појдат за обука и опрема на ирачката полиција и новата ирачка армија.
Од парите за Авганистан, пак, 1,2 милијарди долари се наменети за патишта, училишта и за други цели.
Се очекува Претставничкиот дом наредната недела да гласа за предлог-законот за финансирање, по што истото треба да го стори Сенатот.